Претседателот на Србија Александар Вучиќ беше домаќин на македонската делегација предводена од претседател Стево Пендаровски на прославата на 2 Август во манастирот „Прохор Пчински“, каде пред 79 години се одржа Првото заседание на АСНОМ. Двајцата претседатели положија цвеќе на спомен-плочата кај пред манастирот, по што ја посетија црквата и имаа средба со дел од министрите кои ги придружуваа.
„Претседателот Вучиќ од минатата година со свое лично залагање овозможи земјава повторно да го слави државниот празник таму каде што е формирана современата македонска држава. Тоа што овој простор се наоѓа на туѓа територија не значи дека не треба да им одадеме почит на нашите најголеми национални великани кои пред многу години го направиле државорниот чин. Се надевам дека ова ќе биде една добра традиција која нема да се прекинува“, рече Пендаровски, кој нагласи дека посебно е благодарен што оваа година домаќин му е самиот српски претседател.
Претседателот Вучиќ, честитајќи го Илинден – „како огниште на нашата татковина“, кажа дека посебно му е мило што денеска видел голем број македонски граѓани кои дошле на прославата, а тоа е доказ дека границите не можат да ја прекинат врската помеѓу братските народи и одличните односи меѓу двете држави.
„Ние Србите, како што знаете, ги сакаме Македонците и го сакаме македонскиот јазик и не мислиме дека тој не постои. Напротив, одлично го разбираме македонскиот јазик, како што знам дека и вие го разбирате и го зборувате српскиот јазик. Немам никаков проблем да кажам дека ние сме не само пријатели, туку дека како народ имаме братски односи и во секој случај, верувам дека тие односи и натаму ќе се развиваат. Секогаш сте добредојдени во било кој дел на нашата земја, исто како што и ние се чувствуваме кај вас“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека двете соседни земји имаат и одлична економска собаротка, а трговска размена е 1,5 милијари евра годишно. Се работи и на подобрување на квалитетот на живот на граѓаните со изградба на автопатиштата, а се планира и железничко поврзување со земјите на ЕУ.
Вучиќ потсети и за одлуката за признавање на МПЦ, поради што повеќе нема отворени прашања помеѓу двете земји.
Делегациите разговорите за идната соработка ги продолжија на ручек во ресторан во Врање.
Во состав на државно-црковната делегација што ја предводеше претседателот Пендаровски на чествувањето во манастирот „Св. Прохор Пчински“ беа потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска и Епископот Хераклејски г. Климент.
С. НИКОЛИЌ