НИЕ НЕ ДОАЃАМЕ ОД ФУДБАЛСКАТА ФЕДЕРАЦИЈА, И СЈО Е ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО, КАЖА ФЕТАИ ЗА СТАВОТ НА ВРХОВНИОТ СУД ДЕКА СЈО НЕ Е ОВЛАСТЕН ТУЖИТЕЛ

    НИЕ НЕ ДОАЃАМЕ ОД ФУДБАЛСКАТА ФЕДЕРАЦИЈА, И СЈО Е ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО, КАЖА ФЕТАИ ЗА СТАВОТ НА ВРХОВНИОТ СУД ДЕКА СЈО НЕ Е ОВЛАСТЕН ТУЖИТЕЛ„Врховниот суд донел правен став кој е неправен и доведува до одговорност на врховните судии кои го донеле“, рече Фатиме Фетаи на завршните зборови на „Титаник 2“. (Фото: СДК.МК)

    Пред крајот на завршните зборови на денешното судење за „Титаник 2“, обвинителката од СЈО Фатиме Фетаи рече дека ќе се осврне и на ставот на Врховниот суд да им ги забрани постапките, а кои се совпаѓаат со приговорот од обвинетиот Сашо Мијалков, кој за истото приговараше пред две недели, уште пред Врховниот суд да се замеша во работата на СЈО.

    „Врховниот суд донел правен став кој е неправен и доведува до одговорност на врховните судии кои го донеле. Можеби пак ќе го извадат имунитетот од подрумот на Врховниот суд, ќе видиме. Во тој став го употребуваат и терминот овластен тужител. Не знам дали во градењето на тоа мислење во Врховниот суд учествувале и судии од Кривичниот оддел, но се надевам не, затоа што ако е така, работата е за жалење“, рече Фетаи.

    Законите, продолжи таа, како овластен тужител го познаваат само јавниот обвинител и приватниот тужител.

    „А специјалниот обвинител и јавните обвинители кои му помагаат не доаѓаат од фудбалската федерација, туку се јавни обвинители, а СЈО е јавно обвинителство“, додаде Фетаи.

    На крајот таа прецизираше во врска со приговорот на Мијалков дека предметот „Титаник 2“ е преземен од редовното обвинителство на 4.12.2015, а бомбите се преземени на 30.12 истата година. Поради тоа, како што кажа таа, обвинението за „Титаник 2“ е поднесено во законскиот рок од 18 месеци.

    „Не е точно“, ѝ дофрли Мијалков од место.

    Денеска, Фетаи ги даде завршните зборови за незаконското поништување на гласањето во Струмица на локалните избори 2013 што, според обвинението, било сторено по барање и под влијание на Мијалков врз Мендух Тачи, за тој со умисла да побара од членот на ДИК Бедредин Ибраими да им се придружи на Сашо Срцев, Елизабета Стефановска и Влатко Сајковски и да ја злоупотребат службената положба со гласање за приговорите на ВМРО-ДПМНЕ, со што поништиле чисто гласање во корист на тогашната владејачка партија, а на штета на СДСМ.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира