ПРЕДМЕТИТЕ НА СЈО ПОКРЕНАТИ ПО 30 ЈУНИ 2017, ВРХОВНИОТ СУД ЌЕ ГИ УКИНЕ АКО ДОЈДАТ ПО ЖАЛБА, МУ НАЈАВИ ВАНГЕЛОВСКИ НА СЈО

    ПРЕДМЕТИТЕ НА СЈО ПОКРЕНАТИ ПО 30 ЈУНИ 2017, ВРХОВНИОТ СУД ЌЕ ГИ УКИНЕ АКО ДОЈДАТ ПО ЖАЛБА, МУ НАЈАВИ ВАНГЕЛОВСКИ НА СЈООткако јасно им кажа дека ќе ги укине по жалба новите истраги, на СЈО му упати порака дека има ресурси, кадар и финансиска и материјална обезбеденост и дека треба да си ја заврши задачата за која е формирано. - Претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски (Фото: СДК.МК)

    Врховниот суд ќе ги укине пресудите за предмети на СЈО за кои до 30 јуни 2017 година не било покренато обвинение, ако жалбите на странките дојдат до Кривичен совет на Врховниот суд, потврди претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски во вечерашното гостување во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма.

    Вангеловски рече дека начелното мислење што го донесе Врховниот суд на 30 јануари дека СЈО по 30 јуни 2017 не смее веќе да биде овластен покренувач на нови истраги е задолжително за кривичните совети во Врховниот суд, и тие немаат друг избор освен да ги поништат пресудите.

    „Начелното правно мислење е задолжително за советите на Врховниот суд и логично е да следува таква одлука“, кажа Вангеловски, одговарајќи на прашањето дали Врховниот суд ќе ја укине пресудата ако некој предмет на СЈО завршил во Кривичниот суд, па странката се жалела во Апелација, па во Врховен суд.

    Откако јасно им кажа дека ќе ги укине по жалба новите истраги, на СЈО му упати порака дека има ресурси, кадар и финансиска и материјална обезбеденост и дека треба да си ја заврши задачата за која е формирано. Тоа, рече Вангеловски, се постапките по покренатите обвиненија.

    За истрагите за кои не е покренато обвинение, Вангеловски кажа дека постапките треба да продолжат во редовното обвинителство.

    „Нашата одлука не зборува што ќе се случи со тие предмети, мое правно толкување е дека постапката мора да продолжи. Доколку СЈО не е овластен тужител, има овластен тужител во оваа држава, тоа е Јавното обвинителство, кое е дел од системот“, рече Вангеловски.

    За потоа да најави дека на општа седница Врховниот суд ќе расправа и за тоа дали бомбите воопшто се доказ во една кривична постапка. На констатација дека може сите предмети од постоењето на СЈО да се доведат во прашање, Вангеловски рече: „Дали ќе дојде таа точка на дневен ред и ако дојде, каква ќе биде судбината на материјалите од незаконското следење што се користат сега како доказ, не би можел отсега да знам“.

    Тој потоа се стави и во улога на Уставен суд и кажа дека Собранието нема обврска да го толкува членот 22 од Законот за СЈО, кој кажува колку трае една истрага во врска со прислушуваните разговори.

    „Не се работи за толкување на законска одредба. Законот е јасен, нема потреба од толкување. Рокот е истечен и Врховниот суд затоа речиси еднодушно ја констатираше таа состојба. Уставот на Република Македонија ја двои законодавната од судската власт, значи нема никаква причина да чекаме автентично толкување. Ако прашате во Собранието колку автентични толкувања имало во овие три децении, немам прецизна статистика, но се работи по моја проценка за околу 20 автентични толкувања. Не е тоа редовна активност на Собранието, ниту има обврска тоа да го направи. Ако има барање за носење начелно правно мислење, тоа е работа на Врховниот суд и мора да постапи по тоа барање“, рече Вангеловски.

    За посебниот извештај на Специјалната обвинителка Катица Јанева до Собранието во која кажува дека според бомбите, Вангеловски влијаел врз судски предмети во корист на претходната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, Вангеловски рече дека е рекла-казала извештај без докази и оти СЈО не е орган кој има мандат да поднесува посебни извештаи.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира