Азилот на поранешниот премиер Никола Груевски во Унгарија според унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, кој е во Скопје, е правно прашање и нема никаква врска со надворешната политика на Унгарија.
„Неговото присуство во Унгарија го гледам како правно прашање и тоа нема никаква врска со надворешната политика на Унгарија. Верувајте, ние сме едни од најголемите поддржувачи на вашата земја како јавно, така и зад затворени врати и тоа ќе продолжи и понатаму“, рече Сијарто, одговарајќи на новинарско прашање за азилот на експремиерот Никола Груевски, кој е правосилно осуден на двегодишна затворска казна.
Сијарто рече дека одложувањето на почеток на преговорите е голема загуба за ЕУ и во спротивност со интересите на самата Унија. Според него, аргументот за недостиг на време е смешен. Тој рече дека за Унгарија процесот на проширување е еден од најважните и верува дека за ЕУ е вистински интерес проширувањето кон Западен Балкан.
„Вие сте земја кандидат четиринаесет години и тоа е доволно време. Веруваме дека проширувањето на ЕУ е во вистински интерес на самата Унија и затоа сметаме дека одлуката за одложување на почетокот на преговорите е голема загуба за ЕУ и во спротивност на интересите на Унгарија. Ние сме соседна држава на овој регион и затоа сме сензитивни на значењето и потребата за евроинтеграција“, рече Сијарто на заедничката прес-конференција со вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи.
Тој рече дека Унгарија ќе продолжи со поддршка на земјата за успешна евроинтеграција и за стабилност на границата, каде веќе има заеднички сили.
„Ние сме за итен почеток на пристапни преговори меѓу Северна Македонија и ЕУ. Ние сме соседна земја на овој регион и сме многу осетливи по ова прашање и го знаеме значењето за проширување, а ЕУ во овој регион и ја знаеме разликата меѓу стабилна и нестабилна состојба во овој регион“, рече Сијарто.
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи рече дека средбата е посветена на евроинтеграциските работи на која ќе се разговара извештајот ЕК.