Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека чувствува одговорност исклучиво пред граѓаните, кои во моментов ја даваат поддршката за владините политики со кои се испорачува она што е ветено. Тој вели дека декемврискиот и претстојниот јунски извештај на Европската комисија покажуваат дека државата е најнапредна во регионот според спроведувањето на реформите, но додаде дека промената на Уставот и прифаќањето на она што го прифати претходната Влада не претставува реформа.
„Ние сме најнапредната држава во регионот кога станува збор за спроведување реформи. За мене, промена на Уставот и прифаќање на она што го прифати претходната Влада не е реформа. Нашиот став е јасен и прецизен. Граѓаните очекуваат лидерството на македонската Влада да го заштити македонскиот национален идентитет. Ние токму тоа и го правиме. Нема цена по која би правеле безусловни отстапки“, кажа денеска Мицкоски.
Мицкоски вели дека на крајот граѓаните ќе го кажат својот суд на избори, па ако тие сметаат дека згрешил, со гласањето за друга политичка опција актуелната власт ќе замине во опозиција, а тој самиот ќе се повлече од политиката.
Премиерот кажа и дека народот е уморен и исфрустриран од континуирани ветувања, неисполнети надежи и национални отстапки кои изминатите години и децении се случувале без никакви гаранции за исполнување на конечната цел.
Мицкоски денеска беше на увид во градежните активности за реконструкција на средното училиште „Свети Климент Охридски“, како и на реконструираната улица Кленоец во Општина Охрид.



