НИЕ СМЕ ТУКА, ПОДГОТВЕНИ ЗА НАТО, КАЖА ДИМИТРОВ НА ПОТПИШУВАЊЕТО НА ПРИСТАПНИОТ ПРОТОКОЛ ВО БРИСЕЛ

    НИЕ СМЕ ТУКА, ПОДГОТВЕНИ ЗА НАТО, КАЖА ДИМИТРОВ НА ПОТПИШУВАЊЕТО НА ПРИСТАПНИОТ ПРОТОКОЛ ВО БРИСЕЛНикола Димитров и Јенс Столтенберг пред потпишувањето на пристапниот протокол. (Фото: принтскрин/НАТО)

    Во седиштето на НАТО во Брисел денеска беше потпишан протоколот за пристапување на Македонија во НАТО, во присуство на министерот за надворешни работи Никола Димитров. Откако претставниците на 29-те земји членки на НАТО, еден по еден го потпишаа протоколот, на ред доаѓа ратификацијата на протоколот во парламентите на земјите членки, од кои прва се очекува да биде Грција, уште во петок.

    Пред потпишувањето на протоколот, Димитров се обрати до претставниците на членките на НАТО и генералниот секретар Јенс Столтенберг, велејќи дека сме подготвени да ги преземеме одговорностите што доаѓаат со полноправни членство во алијансата.

    „Ова беше долго патување. Македонија наскоро ќе биде Северна Македонија, тоа е прашање на денови. Докажавме дека можеме да ги решaваме проблемите со кои се соочуваме. Ова ќе испрати смирувачка порака во регионот во кој сѐ уште има неизвесност. Ние сме подготвени, ние сме тука, ќе ги преземеме одговорностите што следуваат со членството во НАТО. Се надевам на ефикасно спроведување на ратификацијата“, рече Димитров, кој утринава пристигна во Брисел од Вашингтон.

    Столтенберг рече дека од денеска македонските претставници ќе им се придружат на масата на останатите земји членки.

    „Потпишувањето на Преспанскиот договор беше првиот чекор од патот што не доведе до овде. Ова не беше лесен пат, но стигнавме тука со посветеноста на демократските вредности и реформи за изградба на силни институции. Ве чекавме да ни се приклучите на нашата фамилија долго време. Со потпишувањето на протоколот почнува процесот на ратификација за кој очекувам да помине лесно. Од денеска вашите претставници ќе ни се придружат на оваа маса. Ќе носиме одлуки заедно“, кажа Столтенберг.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира