НИКОГАШ НЕ СУМ СЕ ОДМАЗДУВАЛ НА БИВШИТЕ КОАЛИЦИОНИ ПАРТНЕРИ, КАЖА ГРУЕВСКИ ЗА РУШЕЊЕТО НА „КОСМОС“

    НИКОГАШ НЕ СУМ СЕ ОДМАЗДУВАЛ НА БИВШИТЕ КОАЛИЦИОНИ ПАРТНЕРИ, КАЖА ГРУЕВСКИ ЗА РУШЕЊЕТО НА „КОСМОС“Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски вели дека не им се одмаздувал бившите коалициони партнери. - Обвинетиот Груевски во судница на вчерашното судење за „Тенк“ (Фото: СДК.МК)

    Поранешниот премиер Никола Груевски, обвинет заедно со Миле Јанакиески и Тони Трајковски за нарачка на одмаздничко уривање на објектот „Космос“ на Фијат Цаноски, пред Основниот суд Скопје 1 денеска рече дека бил обвинет за поттикнување на поттикнувач на поттикнувач за уривањето.

    „Сум имал многу коалициони партнери, но никогаш не сум се одмаздувал по прекинот на коалицирањето“, рече обвинетиот Груевски, кому до излегувањето на Цаноски како лидер на ПЕИ од коалицијата, никој не се осмели да му сврти грб и да ја напушти коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ, како тогашна владејачка партија.

    За прифаќањето на прислушуваните разговори како доказ, во кои се слуша како на Јанакиески му вели дека на Фијат, од што бил исплашен му течело по панталони, рече дека Апелациониот суд Скопје бил притиснат да ги прифати како доказ. Рече и дека никаде во светот телефонски разговори не се докази.

    „Инвеститорот на објектот „Космос“ Фијат Цаноски со умисла го прекрши Законот за градење со серија отстапувања во висината и габаритот, за да ќари 1.245.000 евра“, обвини ексградоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски.

    Ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, пак, рече дека ќе докаже дека „Космос“ е класична дивоградба, а вештачењето кое е направено по барање на СЈО, е незаконско. Груевски рече дека СЈО и судот водат политички мотивиран процес против него, со цел место неговата ВМРО ДПМНЕ, да се инсталира владата на СДСМ, со цел редефинирање на државата.

    СЈО во обвинението наведува дека Цаноски уште за да ја добие дозволата за градба бил уценуван од обвинетите. А кога ја напуштил коалицијата со Груевски и прешол во опозиција со СДСМ, смислено и во август 2011 е реализирано одмаздничкото уривање на објектот. СЈО наведе дека објектот во изградба не ни бил во таа фаза на градба за да можело да се утврди дали имало отстапување во градбата.

    Ова обвинителство најде незаконитост и во итниот тендер што го распишал Трајковски за набавка на фирма за уривање, како и за експлозив зашто Груевски не бил задоволен од бавното темпо на уривање на објектот, со што општината била оштетена за три милиони денари.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира