НИКОЈ НЕ ПОПУШТА ЗА ЗАКОНОТ ЗА ЈАЗИЦИ, МНОЗИНСТВОТО СЕ МАЧИ ДА ОБЕЗБЕДИ КВОРУМ ВО СОБРАНИЕТО

    НИКОЈ НЕ ПОПУШТА ЗА ЗАКОНОТ ЗА ЈАЗИЦИ, МНОЗИНСТВОТО СЕ МАЧИ ДА ОБЕЗБЕДИ КВОРУМ ВО СОБРАНИЕТОНеколку пратеници од владејачката коалиција се на службено патување, една пратеничка е повредена, а друга на породилно отсуство. - Координаторот на СДСМ Томислав Тунтев со колеги пратеници на последната седница (Фото: М. Златевска)

    Нема договор меѓу власта и опозицијата за одблокирање на донесувањето на Законот за употреба на јазиците и на реформските закони предвидени во извештајот на експертот Рајнхард Прибе.

    На вчерашната координација кај претседателот на Собранието Талат Џафери не бил постигнат договор меѓу партиите за усогласување на ставовите за донесувањето на реформските закони.

    И од власта и од опозицијата за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека само со политички договор може да се деблокира седницата за Законот за употреба на јазиците, на која што ВМРО-ДПМНЕ има поднесено над 35 илјади амандмани.

    Засега никој не попушта од своите позиции, власта ќе проба да ги искористи деловничките одредби кои предвидуваат да се отфрлат дел од амандманите, а ВМРО-ДПМНЕ смета дека власта сака насилно да го донесе законот со кршење на собранискиот Деловник.

    На координација било договорено да се одржи седница за пратенички прашања на 22 февруари, четврток.

    За денес се закажани две седници, на едната на дневен ред се само измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување по скратена постапка, а на втората се 21 точки, меѓу кои се и изборот на потпретседатели на Собранието и дел од реформските закони, измените на законите за судови, за укажувачи и за Народниот правобранител во второ читање. Наредната собраниска седница е закажана за 5 март, на која што на дневен ред се 53 точки.

    Ако владејачката коалиција успее да собере кворум, бидејќи неколку пратеници се на службено патување, една пратеничка е повредена и друга на породилно отсуство, утре може да се изберат и потпретседателите на Собранието. Предложени се Фросина Ременски (СДСМ), Горан Мисовски (НСДП), и Весел Мемеди (НДП).

    Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се противат на зголемување на бројот на потпретседатели, бидејќи тоа, според нив, било само задоволување на потребите на владејачките партнери, а не и реална потреба.

    Неофицијално, партиски извори за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека интензивно се разговара помеѓу опозицијата и позицијата за усогласување на ставовите за битните закони и дека има средби на ниво на работни групи, во кои што членуваат пратеници и од опозицијата и од власта.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира