НИКОЈ НЕ ПРОВЕРУВА НИТУ КАЗНУВА ВЛЕЗ ВО КАФЕАНА БЕЗ КОВИД СЕРТИФИКАТИ, ЗА ЕДНА НЕДЕЛА БРОЈОТ НОВОЗАБОЛЕНИ ПОРАСНА ЗА 22.6 ОТСТО

    НИКОЈ НЕ ПРОВЕРУВА НИТУ КАЗНУВА ВЛЕЗ ВО КАФЕАНА БЕЗ КОВИД СЕРТИФИКАТИ, ЗА ЕДНА НЕДЕЛА БРОЈОТ НОВОЗАБОЛЕНИ ПОРАСНА ЗА 22.6 ОТСТОВо земјава, 35% од вкупното население е вакцинирано со две дози вакцини. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Ковид сертификат за вакцинација или прележана болест веќе подолго време не се бара во угостителските објекти во Скопје, додека оваа владина одлука строго се почитува за влез на културните настани, забележа екипата на САКАМДАКАЖАМ.МК при обиколката на градов. Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) вели дека нивната работа тече и во предизборен период, а од Министерството за внатрешни работи (МВР) не одговорија дали воопшто прават контроли особено во предизборниот период и дали и колку објекти се казнети затоа што примиле гости без сертификат.

    Во познати скопски кафулиња и ресторани во центарот на градот, изминативе 2-3 недели не се бара од гостите да приложат ковид-сертификат. За разлика од август, на пример, кога стартуваше мерката, колку-толку, персоналот бараше од гостите барем да ги покажат сертификатите, а во објектите имаше и лица задолжени за проверка. Дури и при резервација на места, персоналот потенцираше дека на гостите ќе им треба сертификат. Сега, некаде дури ни персоналот не носи маска.

    Дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ  на 25 октомври ги испрати следните прашања до Државниот пазарен инспекторат и Министерството за внатрешни работи:

    1. Дали во септември и октомври има казнети граѓани и угостителски објекти, оти немале сертификати за ковид-19? Колку се казнети затоа што примиле гости без сертификат?

    2. Колку инспекции имало, дали се сопрени поради локалните избори? Впечатокот од терен е дека никаде не се бара сертификат, а инспекции никаде нема. На социјалните мрежи речиси секојдневно има објави дека во некои трговски центри не се бараат сертификати за трудници.

    3. Дали казнивте угостителски објекти оти немаат одговорно лице за проверка на сертификати?

    Од МВР до денес не добивме одговори, а денеска од Државниот пазарен инспекторат одговорија дека од донесувањето на мерките на 16 август до крајот на септември, државните пазарни инспектори утврдиле неправилности кај 8 објекти, од кои пет во Скопје, еден во Гостивар и два во Тетово, за што се донесени решенија за привремена забрана за вршење на дејност и истите се затворени, а издадени се и прекршочни платни налози за наплата на глоба согласно големината на субјектот, во вкупен износ од 4.750 евра за одговорно лице, 13.000 евра за правно лице и 500 евра за физички лица.

    Од 1 октомври, донесени се 15 решенија по Закон за заштита на населението од заразни болести. На 2 октомври во Гостивар, затворен е објект по наведениот Закон. На 6 октомври издаден е прекршочен платен налог по споменатиот Закон за глоба во висина од 750 евра во денарска противвредност. Вкупниот број на контроли извршени во октомври, а заклучно со 24 октомври изнесува 3.539 изготвени записници по однос на постапувања и 253 записници за извршени инспкециски надзори.

    Изминатиот период освен на угостителски објекти, се вршат контроли и на обложувалници, молови, како и други дејности опфатени со мерките на Владата.

    „Постапките кои се во тек и се отворени, до нивно завршување не се достапни за јавноста. Државниот пазарен инспекторат работи континуирано по однапред утврден план и обврски врзани со планот кој треба да се исполни по однос на број на надзори постапување по преставки и други активности поврзани со рокови и работата на ДПИ никогаш не запрела ни кога беше карантин за сите ниту кога имаше други ограничувања, се работи на празници во викенди па и сега кога е период на избори , нашата работа е континуирана“, рекоа оттаму не прецизирајќи колку граѓани се казнети и дали има казни за објектите без редари.

    Во земјава има 6.191 активни болни од ковид-19, а досега починаа 7.072 лица. Според податоците од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ)за периодот од 18 до 24 октомври, регистрирани се 2.704 нови позитивни случаи од 33 градови во државата со зголемување од 22,6% во однос на минатата недела.  Моментално се хоспитализирани 514 лица, а од нив 331 се на кислородна поддршка и 27 на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација.

    Владата на 7 август донесе одлука дека од 16 август се воведува задолжителна потврда за извршена имунизација, најмалку прва доза, со задолжителна редарска служба заради контрола на приложување доказ за вакцинација при влез во секаков вид на објект, вклучително и во угостителски објекти, каде има повеќе од 30 присутни лица, за било каков настан (прослава, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културни или спортски настани). Приложувањето и поседувањето потврда за извршена имунизација – најмалку прва доза вакцина, се однесува на лица над 18-годишна возраст.

    Синоќа, Владата го прифати предлогот на Комисијата за заразни болести и дозволи ноќните клубови и дискотеките да работат со 50 отсто од капацитетот на објектот. Од 15 ноември влез во затворени објекти, кафулиња и трговски центри ќе биде дозволен само за вакцинирани лица со две дози или прележан ковид-19 во изминатите 45 дена.

    На социјалните мрежи, во групите за родители, деца, трудници, често се случува некоја читателка, трудница, да праша дали ѝ треба сертификат за вакцина за влез во трговските центри, при што, останатите членки ја посочуваат дека во одредени објекти, едни од поголемите во градов, нема да ѝ побараат сертификат за влез.

    Ако граѓанинот се затекне во објект или на настан без сертификат за примена вакцина ќе плати казна од 250 евра, а казната за угостителскиот објект се движи од 2.500 до 30 илјади евра, во зависност од големината на објектот, плус 1.500 евра за одговорното лице.

    Владата на 13 октомври одлучи дека само вакцинирани против ковид-19 со две дози ќе може да влезат на концери на затворено, в театар или кино. По препорака на Комисијата за заразни болести, се дозволува наместо до 30 отсто, настани на затворено да се одржуваат со публика до 50 отсто од капацитетот на објектот.

    Во Македонија вчера беа регистрирани нови 511 случаи на ковид-19, починаа 10 лица. Од 15 до 21 октомври по компликации од ковид-19 во земјава починале 124 лица, од кои 97 пациенти (78 отсто) биле невакцинирани, а 27 од починатите примиле вакцина и ревакцина, соопшти вчера Министерството за здравство.

    Според последните информации од Министерството за здравство, заклучно со 25 октомври вкупно се вакцинирани 801.988 граѓани, ревакцинирани се 771.165 а трета доза примиле 15.851 граѓани.

    54% од граѓаните над 40-годишна возраст се ревакцинирани, а 33% од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.

    Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 57%, а со две дози опфатени се 46% од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 38% од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35% од популацијата во државата примила две дози вакцина.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира