НИКОЈ НЕ ТРЕБА ДА Е ИЗНЕНАДЕН ШТО МАКЕДОНИЈА, СРБИЈА И АЛБАНИЈА ЗА МАЛКУ НЕМАШЕ ДА ДОЈДАТ НА САМИТОТ ЕУ-ЗАПАДЕН БАЛКАН, ВЕЛИ ШОЛЦ

    НИКОЈ НЕ ТРЕБА ДА Е ИЗНЕНАДЕН ШТО МАКЕДОНИЈА, СРБИЈА И АЛБАНИЈА ЗА МАЛКУ НЕМАШЕ ДА ДОЈДАТ НА САМИТОТ ЕУ-ЗАПАДЕН БАЛКАН, ВЕЛИ ШОЛЦКовачевски и Шолц на заедничката прес-конференција во Скопје на 11 јуни. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Германскиот канцелар Олаф Шолц во денешното обраќање пред сојузниот парламент кажа дека не треба никој да биде изненаден што за малку немаше да одржи утрешниот самит ЕУ-Западен Балкан во Брисел поради одбивањето на лидерите на Македонија, Србија и Албанија да дојдат, јави „Дојче Веле на македонски“. Ковачевски, Вучиќ и Рама сепак донесоа одлука да одат во Брисел, но Шолц има разбирање за нивното двоумење „по толку неостварени ветувања за овие земји“.

    „За малку немаше да се одржи утрешниот самит ЕУ-Западен Балкан. И искрен да бидам, тоа не треба никого да изненадува“, кажа Шолц.

    Германскиот канцелар ја спомена конкретно Македонија како пример за направени жртви на патот кон ЕУ.

    „Кога ќе разбудите очекувања, кога ќе им кажете дека патот кон ЕУ се исплаќа, кога ќе се преземат напори, и ќе се ризикуваат политички конфликти во сопствената земја, една земја – Северна Македонија дури го смени и името за да го реши спорот со Грција, и сето тоа ништо не помага и ништо не се придвижува, тогаш е сосема разбирливa вознемиреноста која ја чувствуваат политичките раководства и граѓаните и граѓанките на овие земји“, рече Шолц и најави дека утрешниот самит во Брисел со земјите од Западниот Балкан „нема да биде едноставен“.

    „Но, затоа Германија мора јасно да се позиционира за да знаат: Германија е на ваша страна“, додаде Шолц.

    Шолц рече дека при последната посета на Софија, бугарскиот премиер Петков „му ветил“ дека ќе биде многу конструктивен во разговорите со Скопје. Германскиот канцелар го поздрави францускиот предлог за надминување на бугарската блокада, но рече дека и во текот на денешниот ден сè уште траат жестоки дебати на оваа тема во Бугарија.

    „Повторно е тоа она што ни прави потешкотии во Европа, работи од далечното минато се користат за да се уништи шансата за мирна иднина. Затоа се надевам дека Бугарија ќе избере пат кој ќе овозможи да се приближи до своите најблиски соседи на Западниот Балкан”, рече Шолц.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира