НИКОЈ НЕМА ДА ОДГОВАРА ЗА ДВОДНЕВНОТО ИСЧЕЗНУВАЊЕ НА МИЈАЛКОВ, ОДЛУЧИ ОБВИНИТЕЛСТВОТО ИАКО НАЈДЕ СЛАБОСТИ ВО ИНСТИТУЦИИТЕ

    НИКОЈ НЕМА ДА ОДГОВАРА ЗА ДВОДНЕВНОТО ИСЧЕЗНУВАЊЕ НА МИЈАЛКОВ, ОДЛУЧИ ОБВИНИТЕЛСТВОТО ИАКО НАЈДЕ СЛАБОСТИ ВО ИНСТИТУЦИИТЕОбвинитеото смета дека еројатноста дека на С.М. му е соопштена информацијата дека против него се бара мерка притвор е многу мала. (Фото: К.Попов)

    Јавното обвинителство одлучи дека нема кривична одговорност во врска со бегството на обвинетиот, сега неправосилно осуден Сашо Мијалков, од 21 до 23 февруари, кога полицијата го бараше да му го врачи решението за куќен притвор.

    Јавниот обвинител кој постапува по овој случај констатирал слабости во меѓуинституционалната и интерната комуникација на надлежните институции, но смета дека ваквите дејствија немаат кривично-правна импликација од причина што недостасува кривично-правна последица, бидејќи Мијалков, иако го немаше два дена, на крај сам доброволно се пријави и со тоа отпаѓа кривично-правниот елемент на кривичните дела Злоупотреба на службената положба и овластување или Несовесно работење во службата.  Јавниот обвинител смета дека немало прибавувањето на некаква корист за друг или нанесувањето на штета, па затоа нема кривично-правна одговорност кај службените лица кои преземале службени дејствија.

    „Во рамки на предистражната постапка беа преземени поголем број на истражни дејствија. Обезбедени се безбедносните камери од повеќе локации, прибавени листинзи за реализирани телефонски комуникации за вкупно 54 телефонски броеви од интерес, беа сослушани вкупно 37 лица, меѓу кои и министрите за правда и внатрешни работи, директорите на АНБ и БЈБ, премиерот, јавниот обвинител на Република Северна Македонија, основната јавна обвинителка на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и претседателот на Основниот кривичниот суд Скопје. Извршени се и полициски разговори со дополнителни 20 лица за кои се сочинети службени материјали. Во постапката беа обезбедени докази и податоци од различни правни лица. За потребите на предистрагата, беше извршена анализа на вкупно 18 одземени телефони и на одземени уреди за видеонадзор, беа извршени две вештачења и беа обезбедени службени материјали за постапувањето на сите инволвирани органи“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.

    Од Јавното обвинителство велат дека главното прашање на кое била фокусирана предистражната постапка е каде бил обвинетиот во периодот кога бил недостапен на органите на прогонот и дали во овој период имал помош од одредени лица за истиот да остане сокриен. Во оваа насока, јавниот обвинител извршил проверки во насока на постоење на евентуална логистичка или друга поддршка во однос на оддалечување од домот на обвинетиот и во однос на неговата недостапност на органите на прогонот. Притоа биле сослушани членовите на неговото семејство, како и членовите на неговото обезбедување, а од страна на полицијата привремено биле одземени и телефонските уреди кои ги користеле овие лица. Сите овие дејствија биле преземени во насока на утврдување на околноста дали овие лица му пружиле помош на обвинетиот. Од анализите на одземените телефони, за кои биле обезбедени и листинзи, како и од анализата на листинзите, не биле утврдени податоци и информации кои се од значење за кривичната постапка, односно не било пронајдено постоење на докази дека било кое од овие лица на било каков начин му помогнало на обвинетиот да остане недостапен на органите на прогонот.

    „Предистражната постапка се осврна и на околноста дали на С.М. му била соопштена информација дека за него е поднесено барање за определување на мерка притвор, пред полициските службеници да направат обид за достава на решението за определување куќен притвор. Во оваа насока беа направени проверки на комуникациите на сите лица кои конретниот ден имале допир со информацијата дека ќе биде баран притвор за обвинетиот. Со извршената анализа на овие листинзи не се утврдени сомнителни комуникации реализирани помеѓу лицата кои биле предмет на проверки и лица кои се блиски со обвинетиот или лица кои би можеле да ја спроведат информацијата до обвинетиот. Имајќи ја предвид околноста дека телефонот на С.М. се гаси во моментот кога на врата доаѓаат полициските службеници и до тој момент телефонот зрачи на базната станица која го покрива неговиот дом, околноста што обвинетиот бил под полициска присмотра во тоа време и не бил забележан како го напушта домот, како и околноста дека е поминат извесен временски период од доаѓање на полициските службеници пред домот на обвинетиот до нивно влегување во домот, во кој временски простор обвинетиот можел непречено да се оддалечи од домот, јавниот обвинител најде дека во конкретниот случај веројатноста дека на С.М. му е соопштена информацијата дека против него се бара мерка притвор е многу мала“, велат од Oбвинителството.

    Мијаков досега е неправосилно осуден на 12 години затвор во „Тврдина-Таргет“ за масовното незаконско прислушување и 8 години затвор во „Трезор“ за незаконска набавка на софтвер за следење електронски комуникации.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира