НИНА КОСТОВСКА, ДЕВОЈКАТА СО ДАУНОВ СИНДРОМ ОД КАМПАЊАТА НА УНИЦЕФ, ЌЕ БИДЕ БИБЛИОТЕКАРКА ВО ВЛАДАТА

    НИНА КОСТОВСКА, ДЕВОЈКАТА СО ДАУНОВ СИНДРОМ ОД КАМПАЊАТА НА УНИЦЕФ, ЌЕ БИДЕ БИБЛИОТЕКАРКА ВО ВЛАДАТАНа вчерашната средба со премиерот Зоран Заев Нина ја прифатила понудата да биде ангажирана времено и вели дека е благодарана што Владата ѝ излегла во пресрет и што различностите не ги гледаат како пречка (Фото: Влада на РМ)

    Нина Костовска од Тетово, која јавноста пред две години ја запозна преку видеото од кампањата „Како ќе реагирате ако ве служи фармацевтски техничар со Даунов синдром?“, ќе работи како библиотекарка во библиотеката на Владата. На вчерашната средба со премиерот Зоран Заев таа ја прифатила понудата да биде ангажирана времено, соопшти Владата.

    Нина пред две години учествуваше во видео кампањата на Европската Унија и УНИЦЕФ „Биди фер – за детство без пречки“, со која сакаше да покаже дека и лицата со пречки во развојот се способни и може да придонесат за општеството. Таа во меѓувреме дипломираше македонски јазик и книжевност на Државниот универзитет во Тетово и учествуваше на неколку работилници во кои обучуваше учителки и наставнички како да работат со дете со пречки во развојот.

    Нина вели дека е благодарна што Владата ѝ излегла во пресрет и што различностите не ги гледаат како пречка. Таа е пресреќна што ќе може да покаже дека може да биде дел од општетсвото и се надева оти и останатите институции и компании ќе го следат овој пример.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари