НИТУ ЕДЕН НАСТАВНИК НЕМА ДА ОСТАНЕ БЕЗ РАБОТА, НИТУ ЌЕ СЕ КРАТАТ ЧАСОВИ, ВЕЛИ МОН ЗА СПОЈУВАЊЕТО НА ИСТОРИЈА, ГЕОГРАФИЈА И ГРАЃАНСКО ОБРАЗОВАНИЕ

    НИТУ ЕДЕН НАСТАВНИК НЕМА ДА ОСТАНЕ БЕЗ РАБОТА, НИТУ ЌЕ СЕ КРАТАТ ЧАСОВИ, ВЕЛИ МОН ЗА СПОЈУВАЊЕТО НА ИСТОРИЈА, ГЕОГРАФИЈА И ГРАЃАНСКО ОБРАЗОВАНИЕПромените, не предвидуваат укинување на содржини, вели МОН; - Министерот за образование Јетон Шаќири. (Фото: МОН)

    Ниту еден наставник нема да остане без работа, без часови, поради воведување на новите наставни програми, вели Министерството за образование и наука (МОН) по реакциите на Независниот синдикат за образование и наука (НСОН) и Здружението на историчари на Македонија дека со спојувањето на повеќе предмети во Концепцијата за основно образование на МОН ќе се намали бројот на работни места во секторот образование, а истото може да предизвика појава на технолошки вишок.

    Станува збор за Концепцијата која е воведена од 2021, и која почна со тогашните деца од прво и четврто одделение, па следеа новини во програмата кога стигнаа тие ученици во второ и петто одделение, и наесен треба да ги опфати кога ќе бидат трето и шесто одделение. Со таа програма, се спојуваат предметите историја, граѓанското образование и географија во „Историја и општество“.

    Од Министерството денеска рекоа дека целта на промените се поттикнување на креативна и интересна настава која ќе стимулира учење со разбирање, наместо фактографско меморирање податоци. Промените, вели МОН, не предвидуваат укинување на содржини. Историја, географија, биологија, хемија, физика и натаму ќе бидат дел од науките што ќе бидат соодветно застапени во наставниот план за основно образование, а ќе ги предаваат наставниците што и досега ги предаваа овие предмети.

    „Промените предвидуваат интеграција на предмети, што не е непознато за нашиот образовен систем. Така на пример предметот природни науки постои повеќе од 15 години и истиот интегрира материја од повеќе научни области – биологија, хемија, физика, географија… Така ќе биде и со предметот природни науки во шесто одделение, за што во моментов се подготвува наставната програма. Предметот Историја и општество пак, интегрира материја од областа на историјата, граѓанското образование и географијата. Овој предмет, согласно новата концепција се воведува од четврто одделение и се изучува до деветто одделение (наместо од шесто до деветто одделение како што беше до сега), што значи дека историјата ќе се изучува повеќе од порано и со новите наставни програми, се прави обид таа да стане попривечна за изучување на учениците, да се развие еден поинаков наратив, кој нема да нуди само ‘помнење на датуми’, туку учениците ќе ја учат историјата преку историските извори, преку културното наследство, преку секојдневниот живот и различните улоги на луѓето во минатото. Како што посочивме, во истиот наставен предмет се изучуваат и теми од географија и од граѓанско образование, со цел да се добие поцелосна слика за настаните што се изучуваат, како и тие да можат да се поврзат со реален контекст за учениците“, вели МОН.

    Оттаму уште еднаш истакнуваат дека бројот на часови е идентичен како и порано, а она што го воведуваат со новите програми е новиот пристап, базиран на искуствено учење, на поврзување на она што се учи со реалноста, на учење преку експерименти, развивање на критичко мислење. Како поддршка на наставниците и на учениците од следната учебна година во реализацијата на програмите се и новите кабинети по природни науки опремени од страна на МОН со поддршка на Светска Банка.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира