Голема група од 30-ина луѓе до доцна во ноќта вршеле претрес во Врховниот суд, во канцеларијата на осомничениот врховен судија Наќе Георгиев, уапсен во понеделникот како зема мито со 10.000 обележани евра, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК.
Неофицијално, по фатените 10.000 евра кои се самите по себе доказ, истрагата се проширува и на други кривични дела. Се зборува дека се пребарувало и во неговиот дом во Струмица и секаде каде што имал недвижен имот.
Сопругата на Георгиев е обвинителка во ОЈО Струмица.
Според неофицијални информации што ги дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од извори во истрагата, на средбата меѓу Георгиев и обвинетиот, бил и човек од правосудството, најверојатно обвинител или член на Советот на јавни обвинители. Се работело за договор за признание на вина, т.е. за гаранција од Наќе Георгиев дека за паричен надомест може да помогне во спогодбата да издејствува најблага казна за обвинетиот.
Дознаваме и дека Георгиев извесно време бил под посебни истражни мерки.
Според нашите сознанија, претседателката на Врховниот суд Беса Адеми како раководно и одговорно лице ја примила малата армија од истражители и седела во својата канцеларија додека тие не си заминале од канцеларијата на уапсениот колега.
На полноќ е закажана седница на Судскиот совет, на која членовите треба да одлучат дали веднаш ќе го разрешат колегата фатен во момент на вршење на кривично дело или ќе расправаат по барање притвор од обвинител, односно за одземање на судискиот имунитет.
С. К. ДЕЛЕВСКА