Од ноќеска почна комплетното враќање на сите 150 наши државјани од Израел кои се пријавиле за евакуација во Македонија. Има и такви кои се чувствуваат безбедно или се во брачна врска и сакаат да останат во Израел.
Освен што го соопшти ова, министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешниот брифинг кажа дека утре ќе се вратат комплет сите преостанати 90 наши сограѓани затечени во Израел.
„Од 20-темина во загрозените подрачја, донесени се ноќеска во Атина пет наши државјани. Утринава дополнителни 17 стигнаа во Атина, патуваат накај Солун, па дома. Но, имаме брачен пар заглавен во Газа. Единствениот излез им беше преку Египет, но тамам стигнале до граничниот премин, се затвори границата, и не може да излезат ни кон Египет, ни кон Израел”, рече Османи.
Тие се живи, контактира амбасадорот со нив.
„Засега немаме како да ги извлечеме од Газа. Амбасадата во Каиро нема конкретен одговор од властите на Египет дали ќе ја отворат границата. Единствениот излез на двајцата им е Египет. Не се сами, многу луѓе кои се заглавени во Газа, чекаат да излезат преку границата со Египет. Досега сме контакт 150 наши граѓани. Од нив 60 се вратени. А овие 90 очекувам утре сите да бидат вратени во Македонија. Владата организира, денеска ќе бидете информирани како ќе бидат транспортирани дома овие 90 наши државјани”, кажа Османи.
Во попладневните часови пак, премиерот Димитар Ковачевски прецизираше дека во услови на блокиран авиотранспорт и откажани летови, бесплатен лет за утре е обезбеден од Ер Србија, за што е одобено благодарен на премиерката на Србија Ана Брнабиќ..
С. К. ДЕЛЕВСКА