Почесен Конзулат на Кралството Норвешка во Македонија денеска е отворен во просториите на „Алкалоид АД“ Скопје, чиј генерален директор Живко Мукаетов е назначен за почесен конзул. Мукаетов веќе 16 години е и генерален конзул на Кралството Данска.
На официјално отворање на норвешкиот конзулат говореше државниот секретар во норвешкото МНР, Ајвинд Вад Петерсон, кој кажа дека годинава се одбележуваат 30 години од воспоставувањето на билатералните односи меѓу двете земји. Петерсон кажа дека дека Норвешка е најголем билатерален донатор на Инвестициската рамка за Западен Балкан преку која од 2019 се поддржани 29 проекти во Македонија во вредност од 2,6 милиони евра, кои придонесоа за отворање нови работни места, но и за унапредување на услугите во области како образование, здравство.
„Можам да кажам многу примери, кои веќе покажуваат дека Норвешка и Северна Македонија имаат долга историја на соработка темелена на заемно почитување и на споделени вредности. Преку дијалог и разбирање ќе продолжиме да ги негуваме односите на доверба. Норвешка е силен сојузник и партнер на Северна Македонија поддржувајќи го вашиот пат, патот на вашата нација кон евроинтеграциите и ќе продолжи да негува одржлив развој во различни области. Заедно се бориме за мир, стабилност и просперитет, не само на блиските граници туку и глобално“, рече Петерсон.
Мукаетов кажа дека е чест да биде почесен конзул на Норвешка и дека целосно ќе биде посветен на унапредување на соработката меѓу двете земји.
„Јас и мојот тим ќе направиме се за промоција на Кралството Норвешка и на билатералните односи меѓу двете земји кои се сојузници во НАТО, за унапредување на соработката“, рече Мукаетов.