По шестемина обвинети во предметот „Синџир“ кои минатиот месец признаа вина за даночно затајување и за перење пари, вратија милион евра во Буџетот и добија условни казни, денеска Кривичниот суд изрече затворски, на нови шестмина обвинети кои признаа вина.
На новата тура признавачи обвинети, се додаваат и шест нивни исто така обвинети фирми кои се третираат како сублекти во обвинението, па така вкупниот број на обвинети што признале вина сега е 18.
Признанијата биле дадени вчера, а денеска Кривичниот суд за злосторничко здружување, даночно затајување и перење пари им ги изрече следниве казни:
Првообвинетиот Сашо Вучков доби две и пол години казна затвор. Татко му е осуден на две години казна затвор плус илјада евра парична казна. Мајка му на Сашо Вучков е осудена на 11 месеци затвор плус 1.000 евра казна. Останатите двајца обвинети се осудени на по две години затвор и по 1.000 евра парична казна. Еден од овие обвинети доби пресуда – условна.
По признанието на вина на застапниците на 6-те фирми вчера, Судот денеска им изрече изрече парични казни и забрани за учество во тендери и концесии.
- ПРЕД ДА ПОЧНЕ СУДЕЊЕТО „СИНЏИР“ ЗА ДАНОЧНО ЗАТАЈУВАЊЕ 8 МИЛИОНИ ЕВРА, ДЕЛ ОД ОБВИНЕТИТЕ ВРАТИЛЕ МИЛИОН ВО БУЏЕТОТ, ЗА НИВ СЕ ПРЕДЛОЖЕНИ УСЛОВНИ КАЗНИ
- НЕ МОРА ДА ОДАТ В ЗАТВОР ЗАТАЈУВАЧИТЕ НА ДАНОК И ТИЕ ШТО ПЕРЕЛЕ ПАРИ, ВАЖНО Е ДА ИМ СЕ СОБЕРЕ СÈ ШТО УКРАЛЕ И ДА ПЛАТАТ КАЗНИ, ВЕЛАТ ЕКСПЕРТИТЕ
Истражната постапка против 26 сопственици и управители на 28 правни лица беше започната на 30 октомври 2023. Во меѓувреме, истрагата беше проширена за уште две лица, а за едно лице кое при оценка на Обвинителниот акт почина е донесено Решение за запирање на истрагата.
Обвинетите и нивните фирми се од југоисточниот дел на Македонија. За останатите обвинети судскиот процес продолжува.
Милионски суми евра се испрани и затаени во злосторничкото здружување на овие обвинети, преку нивните фирми. Вкупната пресметана штета на државниот буџет од кривичните дела на 30-темина обвинети, е 8 милиони евра.
Според обвинението, обвинетите во својство на сопственици и управители на правни субјекти во периодот од 01.01.2019 година до 31.12.2021 година во име и за сметка на кривично одговорните правни лица во нивна сопственост и управување, не пресметале и не платиле данок – давачка на која биле законски обврзани. На овој начин, со намера за себе да се стекнат со противправна имотна корист, осомничените предизвикале штета на Буџетот во вкупен износ од 490.808.618,00 денари или 7.980.627 евра. Парични средства што ги прибавиле со казниви дела во вкупен износ од 40.046.815 денари ги пуштиле во оптек, ги примиле и извршиле пренос на истите, по што ги подигнале во готово.
С. К. ДЕЛЕВСКА