НОВИ АПАРАТИ НА ДЕТСКА КЛИНИКА, ДОНАЦИЈА ОД ФОНДАЦИЈАТА „ТИ СИ СОНЧОГЛЕД“

    НОВИ АПАРАТИ НА ДЕТСКА КЛИНИКА, ДОНАЦИЈА ОД ФОНДАЦИЈАТА „ТИ СИ СОНЧОГЛЕД“Хемато-онколошкото одделение на Клиниката за детски болести доби болнички монитори, инфузиони пумпи, ултразвук, аспиратори, со донација од Фондацијата „Ти си сончоглед“, а кампањата за продажба на маичките ја поддржа Собранието на Република Македонија (Фото: СДК.МК)

    Клиниката за детски болести доби нова опрема за хемато-онколошкото одделение во вредност од 62.000 евра, од Фондацијата „Ти си сончоглед-You are a Sunflower“. Донацијата беше собрана од индивидуалци кои ги купуваа маичките на кампањата „Macedonia You are a Sunflower“, која ја поддржа Собранието и Министерството за здравство, а седиштето на фондацијата е во Албанија.

    Новата болничка опрема веќе е ставена во функција и таа се состои од болнички монитори, инфузиони пумпи, ултразвук, аспиратори.

    „Ова беше еден навистина прекрасен настан на Фондацијата, која веќе во Приштина и во Тирана донираше во педијатриските одделенија. Пред неколку месеци дојдоа и пројавија инцијатива да донираат и на нашата Клиника за детски болести. Дадовме поддршка и сакам да се заблагодарам на претседателот на Собранието и на пратениците кои што помогнаа на промоција на маичките кои што се продаваа. Ја подигнаа свеста за оваа кампања и на крај се купи опрема, која е донирана на одделот за хемато-онкологија, таму каде што и ние како Министерство за здравство се ставаме како приоритет за лекување на најтешко заболените деца“, рече министерот за здравство Венко Филипче.

    Тој кажа дека вакви апарати на Клиниката има на одделението на интензивна нега, а сега се опремува и хемато-онколошкото одделение.

    „Лани на интензивна нега ставивме акцент на подобрување инфраструктурата, набавка на нова опрема и едукација на докторите, имаше и акција за донација. Овие конкретни апарати ќе се распределат на самото одделение за хемато-онкологија со што ќе се подобри третманот и дијагностиката на децата и нема да има потреба да се носат од едно одделение на друго“, рече Филипче.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира