Новинарите, на паузата на судењето за организираниот напад на Собранието на 27 април лани, собраа 160 евра за да му платат на обвинетиот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ Љубен Арнаудов, кој претходно утринава, кога му беше побарана изјава им одговори: „Давам изјава за 50 евра”.
„Господине Арнаудов, повелете, собравме пари за вашата изјава, ќе кажете ли сега дали ќе поднесете барање за амнестија?”, го прашавме по паузата.
„Не, не, јас се шегував”, рече тој.
„Но, вие нè навредивте”, му рекоа новинарите.
„Се смеам јас, сакав само да ве насмеам, немав намера да ве навредам”, рече Арнаудов.
Ова е прво судење за 27 април откако пратениците завчера изгласаа специјален закон за амнестија во врска со нападот во Собранието.
Судењето продолжува по паузата, со дополнителни докази предложени од обвинетиот ексдиректор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков.
С. К. ДЕЛЕВСКА