ГРАЃАНИТЕ ТРЕБА ДА ИМААТ ДОВЕРБА ВО НОВИОТ ЈАВЕН ОБВИНИТЕЛ, НЕ ПОЛИТИЧАРИТЕ, КАЖА ЗАЕВ

    ГРАЃАНИТЕ ТРЕБА ДА ИМААТ ДОВЕРБА ВО НОВИОТ ЈАВЕН ОБВИНИТЕЛ, НЕ ПОЛИТИЧАРИТЕ, КАЖА ЗАЕВЗоран Заев се задржа еден час во СЈО, каде што даваше исказ како сведок и оштетен во случајот „Таргет“. (Фото: СДК.МК)

    Премиерот Зоран Заев кажа дека наследникот на државиот Јавен обвинител Марко Зврлевски треба да биде експерт, во кој доверба ќе имаат граѓаните, а не политичарите или новинарите. Заев зборуваше за изборот на нов Јавен обвинител откако денеска Советот на јавни обвинители го прифати барањето на Владата да биде разрешен Марко Зврлевски. Според процедурата, Собранието сега треба да го разреши Зврлевски со просто мнозинство од 61 глас, а потоа да распише оглас за избор на нов Јавен обвинител.

    „Мој личен став е, а на влада сѐ уште немаме разговарано за ова прашање, како прв меѓу еднаквите во владата, дека државниот Јавен обвинител да биде експерт кому ќе му веруваат сите граѓани. Не ние политичарите, не вие новинарите, туку граѓаните на Република Македонија во него да гледаат експертска поставеност во заштита на Уставот и законите на Македонија“, изјави Заев по излегувањето од Специјалното јавно обвинителство.

    Заев се задржа еден час во СЈО, каде што даваше исказ како сведок и како оштетен во случајот „Таргет“, кој се однесува на незаконското следење на комуникациите.
    СЈО го презентираше случајот на 18 ноември, кога на прес-конференција откри дека вкупно 5.817 телефонски броеви незаконски биле прислушувани од УБК во период од 2008 година до 2015 година.

    Осомничени во случајот „Таргет“ се десетмина поранешни и сегашни вработени во УБК, кои се наоѓале на раководни позиции или биле дел од пониски ешалони, кои се товарат за злоупотреба на службената положба и незаконско прислушување.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира