НОВИОТ КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР ЌЕ СЕ ГРАДИ БЛИЗУ ПСИХИЈАТРИСКАТА БОЛНИЦА ВО БАРДОВЦИ, КАЖА ФИЛИПЧЕ

    НОВИОТ КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР ЌЕ СЕ ГРАДИ БЛИЗУ ПСИХИЈАТРИСКАТА БОЛНИЦА ВО БАРДОВЦИ, КАЖА ФИЛИПЧЕМинистерот за здравство Венко Филипче кажа дека допрва ќе преговараат со Централната европска банка и со изведувачите со кои владата на ВМРО-ДПМНЕ склучи договор на 72 милиони евра (Фото: Е. Ангеловска)

    Клиничкиот центар ќе се дислоцира во населбата Бардовци во близина на Психијатриската болница, кажа министерот за здравство Венко Филипче. Тој објасни дека одлучиле да го дислоцираат Клинички од центарот на Скопје, по препораките на стручната јавност и дека го прифатиле предлогот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија.

    „ Со проектот за кој претходната Влада има потпишано договор нема да се реши проблемот со клинички центар, бидејќи улицата Водњанска и натаму ќе остане тесно грло, односно сообраќајниот метеж не го решава ниту сообраќајното решение понудено со овој проект. Доколку ја изградевме оваа зграда таа требаше да се поврзе со две постоечки клиники, а во кругот остануваат уште пет, кои се во многу лоша состојба и по изградбата на новата зграда ќе требаше и тие да се реновираат“, кажа Филипче.

    Новиот клинички ќе се гради на површина од 84 хектари

    Тој рече дека во населбата Бардовци разгледувале неколку локации и дека се одлучиле за оваа во близина на психијатриската болница, која е со површина од 84 хектари.

    „Сега клиничкиот центар е на 20 хектари, значи на оваа парцела ќе има доволно простор да се направи модерна зграда за клиничкиот центар за Факултетот по медицински науки, а ја разгледуваме можноста да направиме и кампус за сместување на студентите, буквално да добиеме мал медицински град“, кажа Филипче.

    Министерот рече дека дел од земјиштето каде планираат да го градат Клинички е државно, а дел е приватно и допрва ќе се решаваат имотно-правните работи. Тој рече дека допрва треба да се утврди колку пари ќе бидат потребни за изградба на центарот, иако според некои претходни пресметки е дека тоа ќе чини околу 420 милиони евра.

    „Сега работиме на сообраќајното решение за пристап до локацијата, треба да се направи нов пристапен пат од Карпош во делот од кај Сити мол, и да се направи продолжение на улицата по железничката линија кон Ѓорче, улицата Словенечка да стане булевар, за да има подобар пристап“, рече Филипче.

    Тој кажа дека очекуваат изградбата на Клиничкиот центар да почне за 1,5 година, а градбата да трае околу пет години. Дотогаш најави дека прават ново сообраќајно решение за влез и излез од постоечкиот клинички центар и дека на локацијата каде претходно беше предвидено да се гради новиот клинички, односно на местото на старата зграда на гинекологија да се направи монтажна катна гаража.

    Додека се гради новиот клинички центар, во сегашниот на местото на стара Гинекологија ќе се прави монтажна катна гаража (фото: М.Златевска)

    Филипче не кажа што ќе се случи со кредитот за изградба на клиничкиот центар од 72 милиони евра од Централната европска банка, за кој владата на ВМРО-ДПМНЕ непосредно пред формирање на новото парламентарно мнозинство потпиша договори компаниите „Гранит“, „Бетон“ и италијанската „ИНСО системи“ , кои требаше да бидат изведувачи. Тој рече дека допрва ќе преговараат и со банката и со изведувачите и дека се надева дека ќе постигнат решение и дека нема да мора да ги платат пеналите предвидени со договорот.

    Асоцијацијата на архитекти на Македонија минатиот месец ја презентираше физибилити студијата за дислокација на Клиничкиот центар, изготвена од Европската инвестициска банка во 2010: Според студијата локација каде треба да биде клиничкиот центар се наоѓа на север од населбата Злокуќани и на југ долж железничката пруга со правец Скопје – Кичево. На истиот простор заедно со психијатриската болница „Бардовци“ ќе претставуваат една единствена просторна целина. Моменталната површина изнесува 20 хектари, а планираната површина за новата локација изнесува околу 94 хектари.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира