Новороденчињата ќе бидат заведени во матичната книга на родени уште истиот ден по раѓањето и веднаш ќе добијат извод, како и календар на вакцини со препораки за мајката за следните неколку месеци, најави министерот за здравство Арбен Таравари.
„Се работи за една новост, кога ќе се роди детето, да не се оди никаде туку во болница да се дава извод од матичната книга на родени и препораки за мајките за следните неколку месеци“, рече Таравари, најавувајќи повеќе детали за следната недела.
Министерот во однос на ревизиите на досегашното работење и именувањата на нови директори на здравствените установи и клиниките рече дека ќе има смени и оваа и следните недели.
„Засега е направена ревизија само на Министерството за здравство, а ќе направиме ревизии на клиниките кога ќе именуваме нови директори. Именувања ќе правиме и оваа недела, но полека, не брзаме, 70-80 отсто од клиниките во наредните недели ќе имаат нови директори“, рече Таравари.