27 ПОВРЕДЕНИ ВО НЕСРЕЌАТА КАЈ ВЕЛЕС

    27 ПОВРЕДЕНИ ВО НЕСРЕЌАТА КАЈ ВЕЛЕСАвтобусот со македонски туристи кои се враќале од одмор во Грција излета од автопатот Скопје-Велес околу 19 часот.(Фото: СДК.МК)

    27 лица се повредени откако автобус со 44 патници вечерва околу 19 часот излета во близина на велешката патарина на автопатот кон Скопје, соопшти Центарот за управување со кризи. Повредените се пренесени во болници во Велес и Скопје.

    Директорот на Ургентниот центар во Скопје Илир Хасани  изјави дека на Ургентниот центар се примени околу 10-тина повредени.

    Тој вели дека починати засега нема. Една жена е веќе во шок соба. Тој објасни дека пациентката е донесена во шокова состојба, со повреди на белите дробови, натколеница и потколеница, а дека во моментов се прави и дополнително длабинско снимање со компјутерски томограф.

    “Останатите пациенти се уште ги прегледуваме за да видиме за какви повреди точно станува збор, и сега не би можел да кажам колку од нив ќе задржиме и во каква состојба се“, вели д-р Хасани.

    Во Хируршката болница, поранешна Градска болница во Скопје се примени шест пациенти кои што се во фаза на испитување, од кои еден е потешко повреден со контузија на градниот кош и на стомакот.

    Д-р Иван Спировски, директор на „Св. Наум Охридски“, вели дека тројцата пациенти што ги задржале се во посериозна здравствена состојба, со скршеници на горните и долните екстремитети и дека се повозрасни.
    “Засега се во свесна состојба и не се во животозагрозувачка состојба. Но, однапред не можам да кажам како ќе се одвива нивното закрепнување, бидејќи правиме и дополнителни испитувања. За другите тројца се уште се во тек прегледите и не можам да кажам дали ќе ги задржиме во болница или ќе ги пуштиме на домашно лекување“, вели д-р Спировски.

    Во Велешката болница се примени девет лица. Во болницата е мобилизиран целиот медицински персонал.

    Дежурниот лекар Филип Тодоров вели дека од деветмината повредени, тројца поради сложеноста на повредите се префрлени на Скопските клинији, но не се во животозагрозувачка состојба. Тројца се задржани на лекување во болницата а тројца по направените испитувања се пуштени на домашно лекување

    Полицијата ја коригираше првичната информација дека станува збор за грчки автобус и пред малку МВР сооопшти дека автобусот е на „Бус Травел“ ангажиран од „Савана турс“. Автобусот враќал македонски туристи од одмор во Грција. Дознаваме дека биле од одмаралиштата на првиот крак на Халкидики.

    Сообраќајот на автопатот Велес–Скопје од Штипската клучка се одвива по една коловозна лента поради сообраќајната незгода.

    Е. БОЧВАРОВСКА

    во соработка со дописникот од Велес П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира