ОБВИНЕТИОТ ЕКСГРАДОНАЧАЛНИК ТОНИ ТРАЈКОВСКИ ДОНЕСЕ НА „ТНТ“ БОЛЕДУВАЊЕ ЗА ПСИХИЧКИ ПРОБЛЕМИ ОТКАКО ПРЕТХОДНО ТВРДЕШЕ ДЕКА БИЛ НАТЕПАН

    ОБВИНЕТИОТ ЕКСГРАДОНАЧАЛНИК ТОНИ ТРАЈКОВСКИ ДОНЕСЕ НА „ТНТ“ БОЛЕДУВАЊЕ ЗА ПСИХИЧКИ ПРОБЛЕМИ ОТКАКО ПРЕТХОДНО ТВРДЕШЕ ДЕКА БИЛ НАТЕПАНПоранешниот градоначалник на Гази Баба Тони Трајковски на денешното рочиште за „ТНТ“, кое беше одложено за 21 јануари. (Фото: К. Попов)

    Со уште поинтензивни противења на обвинетите во „ТНТ“ и на нивните адвокати, што им ги дава како право законот, овој судски процес не може ни да почне одново.

    На денешното судско рочиште на кое треба да се дадат воведни зборови, дојде обвинетиот ексградоначалник на Гази Баба Тони Трајковски, но донесе ново боледување. Овојпат неговиот здравствен проблем не е од физичка природа откако минатиот месец не дојде на судење, тврдејќи дека бил натепан, туку од психичка природа. Извештајот е од Психијатрија, од докторката Викторија Вујовиќ.

    Трајковски зборува бавно, неговиот адвокат Јовица Страшевски кога зборува за него, се повикува што му кажала сопругата на Трајковски. Судијата Огнен Ставрев го слушаше, но кажа дека Тони Трајковски според лекарскиот извештај не е сериозно билен и може да го следи судењето.

    Но, адвокатот Страшевски упорно бараше одлагање на судењето додека не му заврши на Трајковски препорачаниот одмор од 15 дена, бидејќи не можел целосно свесно да го следи процесот. На ова стана обвинителот од СЈО Бурим Рустеми и побара постапката за Трајковски да се раздвои.

    Сите обвинети и адвокати, па и Миле Јанакиески, кој е обвинет дека по нарачка на првообвинетиот Никола Груевски организирал Тони Трајковски да го сруши со динамит легално изградениот објект „Космос“ на Фијат Цаноски, се противеа на предлогот да се издвои Трајковски од постапката. Се потсети како првиот пат кога се судеше „ТНТ“ цели две години. Почна одново зашто на две поротнички им дојде времето за пензија.

    Сите се бунеа Трајковски да се издвои, зашто нивните дејства во обвинението биле поврзани со тоа на ексградоначалникот Трајковски.

    Обвинителот Рустеми, пред да одлучат судиите Огнен Ставрев и Осман Шабани за раздвојувањето, праша дали ако некој обвинет во групно обвинение почине, тоа значи дека на другите нема да им се суди, нема да одговараат?

    Ставрев не дозволи раздвојување, судењето го одложи за 21 јануари.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари