ОБВИНЕТИОТ ГРУЈОВСКИ ЗА ПАЛЕЊЕ ДОКАЗИ ВО МВР НЕ ДОЈДЕ НА СУДЕЊЕ ПОРАДИ БОЛЕСТ, СЈО НЕ МУ ВЕРУВА НА ЛЕКАРСКОТО ОПРАВДАНИЕ

    ОБВИНЕТИОТ ГРУЈОВСКИ ЗА ПАЛЕЊЕ ДОКАЗИ ВО МВР НЕ ДОЈДЕ НА СУДЕЊЕ ПОРАДИ БОЛЕСТ, СЈО НЕ МУ ВЕРУВА НА ЛЕКАРСКОТО ОПРАВДАНИЕСпецијалните обвинители Гаврил Бубевски и Трајче Пеливанов утринава пред Основниот суд Скопје 1 за судењето на Горан Грујовски. (Фото: СДК.МК)

    Обвинетиот ексначалник на Петтата управа во МВР Горан Грујовски, кого СЈО го гони за палење на списи и докази за незаконско прислушување на граѓани, не се појави на денешното судење во Основниот суд Скопје 1. Адвокатите доставија оправдание од специјалист дека здравствената состојба на нивниот клиент Грујовски била влошена.

    Обвинителот од СЈО Трајче Пеливанов за лекарското уверение приговори што боледувањето е дадено кога се одржува рочиште за расправа.
    „Обвинетиот Грујовски, по отворање на боледувањето, е виден во кругот на МВР и во просториите на УБК, за што има докази од видео камери во Министерството, а и од картицата со која влегувал во кругот на МВР. Кога ќе ги добиеме доказите, ќе побараме приведување на обвинетиот за следното рочиште и кривична одговорност за специјалистот кој му го дал уверението”, рече Пеливанов.

    Место обвинителката Ленче Ристоска, на денешното судење дојдоа обвинителите од СЈО Гаврил Бубевски и Трајче Пеливанов. Одбраната рече дека на СЈО му е познато дека обвинетиот има хронична болест, а Пеливанов и Бубевски се правници, а не лекари за да ценат дали Грујовски лаже и го ескивира судскиот процес против него.

    Пеливанов рече дека СЈО ќе истражи дали обвинетиот е оправдано отсутен или го одолговлекува судењето. Судијката Лидија Петровска кажа дека денешното рочиште не се снима со видео камера, зашто и ја зеле во Врховниот суд, за случајот Диво Насеље. Судењето го одложи за 23.мај.

    С.К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира