ОБВИНЕТИОТ КОЉО ИЗЛЕГУВА ОД КАБИНЕТОТ НА ВЕЉАНОСКИ И Ѝ КАЖУВА НА ТОЛПАТА КАДЕ ДА СЕ ДВИЖИ, СЕ ГЛЕДА НА СНИМКИ НА СУДЕЊЕТО ЗА НАПАДОТ ВО СОБРАНИЕТО НА 27 АПРИЛ

    ОБВИНЕТИОТ КОЉО ИЗЛЕГУВА ОД КАБИНЕТОТ НА ВЕЉАНОСКИ И Ѝ КАЖУВА НА ТОЛПАТА КАДЕ ДА СЕ ДВИЖИ, СЕ ГЛЕДА НА СНИМКИ НА СУДЕЊЕТО ЗА НАПАДОТ ВО СОБРАНИЕТО НА 27 АПРИЛДенеска во судот се презентираат снимките од холот пред влезот на тогашниот претседавач Трајко Вељаноски. - Од претходно рочиште на судењето за 27 април (Фото: К. Попов)

    Во Основниот суд Скопје 1 продолжи прегледувањето на снимките од собраниските безбедносни камери од организираниот напад во Собранието на 27 април лани. На почетокот на денешното рочиште на судењето во кое 33-ца се обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, обвинителката Вилма Рускоска им одговори на адвокатите на обвинетите, кои на минатото рочиште се пожалија дека не им било овозможено да го изгледаат целиот видеоматеријал, велејќи дека Јавното обвинителство не е кинотека, па да прави цедиња од видеоматеријалите и да ги дели на одбраната.

    „На одбраната ѝ беше овозможено да ги гледа сите снимки со кои располага обвинителството. Рековте снимките биле сечени, лепени, монтирани. Не спомнавте само уште жолто комбе. Обвинителството нема зошто да ги крие доказите. Затоа барам сè она што беше спорно за адвокатите на претходното рочиште да биде денес презентирано“, рече Рускоска.

    Судечката судијка Добрила Кацарска не го прифати барањето на обвинителката и реши дека нема потреба повторно да се презентираат снимките.

    Еден од адвокатите, Петар Василев, ѝ рече на Кацарска дека според ЗКП мора да му даде да зборува, но таа не му дозволи. Сепак, тој продолжи да зборува и кажа дека таа го крши законот. Таа го прекина и му рече: „Вие не сте тука да ме учите на законот. Ако не седнете и не престанете да зборувате, ќе ве казнам“.

    Денеска во судот се презентираат снимките од холот пред влезот на тогашниот претседавач Трајко Вељаноски. На снимките се гледаат движењата на обезбедувањето на Вељаноски, како и на обвинeтите Горан Ѓошевски, Иван Цветановски и Елена Божиновска, вработени во кабинетот на Вељаноски. Во кабинетот пред холот се гледаат како доаѓаат лица со фантомки на главата, како Никола Митревски – Кољо, Игор Југ, кој нема фантомка, Митре Питроповски, Дејан Давидовски, кој е во бегство, Горанчо Ангелов…

    Обвинетиот Никола Митревски – Кољо влегува во кабинетот на Вељаноски, па излегува и им кажува на лицата од толпата каде да се движат. Се гледа и како Цветановски со раката им покажува каде да се движат, а потоа се гледа и како обвинетата Божиновска им кажува каде да се движат. И Ѓошевски со дигната лева рака им покажува каде да се движат.

    На снимките се гледа и како толпата од скалите се движи кон холот и потоа оди десно во ходникот кој што го поврзува кабинетот на Вељаноски со прес-центарот каде што беа нападнати пратениците. Се гледа и како обезбедувањето на Вељаноски им дели вода на Давидовски, Игор Југ и другите обвинети кои носат фантомки.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира