Во Кривичниот суд Скопје почна судењето на Стојанче Јовановски, обвинет дека ја натерал сопругата Ивана да си го одземе животот во прегратка со нејзината 6-годишна ќерка Катја, но и за семејно насилство и малтретирање. Љубица Стојановска, мајка на жртвата, бидејќи е сведок во постапката, излезе пред да бидат дадени воведните зборови.
Според обвинението, тој извршил загрозување на сигурноста, тешка телесна повреда при семејно насилство и наведување на самоубиство. Јовановски подолг временски период сурово и нечовечно постапувал кон сопругата, која спрема него се наоѓала во положба на фактичка и егзистенцијална зависност и подреденост, па поради таквото постапување таа на 2 март извршила самоубиство.
- „МАМА ВАКА ЧУЧНУВАШЕ ДОЛЕ ЗА ТАТО ДА ЈА ШУТИРА, ТЕ МОЛАМ БАБО НЕ КАЖУВАЈ”, Ѝ РАСКАЖУВАЛА ПОКОЈНАТА 6-ГОДИШНА КАТЈА НА БАБАТА КОЈА СВЕДОЧИ НА СУДЕЊЕТО НА СТОЈАНЧЕ ЈОВАНОВСКИ
- ОТКАКО СЕ СМЕЕШЕ НА ОБВИНЕНИЕТО, СТОЈАНЧЕ ЈОВАНОВСКИ ПЛАЧЕЈЌИ СЕ ИЗЈАСНИ ЗА ВИНОВЕН ЗА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО И ТЕЛЕСНИ ПОВРЕДИ, ПА СЕ ПРЕМИСЛИ
На 2 март на повеќе локации во Скопје, при вршење семејно насилство телесно ја поврeдил неговата сопруга. Ја удирал со шлаканици и тупаници, нанесувајќи ѝ телесни повреди, од кои таа во еден момент и изгубила свест. Истиот ден, на паркингот зад Основниот кривичен суд Скопје, обвинетиот упатил и сериозни закани кон оштетената дека ќе нападне врз нејзиниот живот и тело, со што предизвикал кај неа чувство на несигурност, загрозување и страв.
„Обвинетиот сè почесто ја тепал и ја омаловажувал во нивниот дом во присуство на нивната малолетна ќерка, на јавни места, и пред други сведоци, заканувајќи ѝ се дека ќе ја избрка од домот каде живееле, и дека ќе ѝ ја одземе нивната малолетна ќерка. Кога на критичниот ден жената повторно била изложена на неговото психичко и физичко малтретирање на повеќе локации, како и на неговите закани и навреди, се вратила во станот заедно со детето. Побарала да се качи сама со ќерката во станот за да се спакува и да замине, но обвинетиот инсистирал да се качи со неа каде продолжил да ѝ се заканува. Сведокот на настанот Мартин Саздов го оттурнал обвинетиот и заедно се симнале пред зградата за да ја почекаат оштетената да се спакува. Но, малтретирањето ја довело оштетената во состојба на тешка психичка вознемиреност, страв, безнадежност и чувство на безизлезност, и таа без разумно да управува и да ги контролира своите постапки, извршила самоубиство, скокајќи од терасата на станот од шестиот кат заедно со нивното малолетно дете. Обвинетиот Јовановски издејствувал сега починатата Ивана Јовановска во ноември 2022 година да му го отстапи со Договор за дар својот идеален дел од станот во кој живееле заедно со нивната малолетна ќерка, со тоа што оштетената и детето требало да останат да живеат во станот. Но, по стекнувањето на сопственоста, обвинетиот започнал психички и физички да ја малтретира, а во 2025 година интензитетот на малтретирањата преоѓа во сурово и нечовечко постапување кон сопругата“, рече обвиниелката.
Во воведните зборови, обвинителката цитираше највулгарни зборови и најстрашни закани по животот со кои ѝ се обраќал Јовановски на Ивана додека ја тепал, а таа губела свест.
Отпочеток до крајот на излагањето на воведните зборови од обвинителката, Јовановски се смееше, мафташе со глава во знак на негодување, а во делот кога обвинителката кажа како настапила смртта со прекин на мозочните и другите витални функции кај Ивана и Катја по падот на бетонот пред висококатницата, тој се наведна на клупата, покривајќи си го ликот.
Воведни зборови по паузата треба да дадат и адвокатите на Јовановски.
За разлика од судења на други притворени лица, во публиката немаше никој од семејството на Јовановски .
С. К. ДЕЛЕВСКА



