Советот на јавни обвинители нема да преземе никакви дејствија против обвинителката Снежана Бундалевска Ѓорѓиевска, која го водеше случајот со сообраќајката кај „Млечен“ во Капиштец, во кој возачот што усмрти двајца доби условна казна. Оштетената Наташа Димитриевска, чии сопруг и неродено дете загинаа, а и таа се здоби со тешки повреди, утринава го објави на социјалните мрежи одговорот на нејзината претставка до Советот за јавни обвинители, и напиша:
„Пак сум на операција на ногата, а денес добив одговор од Совет на ЈО дека ЈО Снежана Бундалевска Ѓорѓиевска постапувала правилно и по закон. Е па пријатели официјално кажувам немаме правна држава и сите тие се штитат меѓу себе“.
Според одговорот на претставката, Советот на јавни обвинители побарал мислење од Вишото јавно обвинителство Скопје, кое утврдило дека обвинителката од Основното јавно обвинителство Скопје постапила правилно и согласно законските прописи, а по добиеното такво мислење Советот донел одлука дека нема место за преземање дејствија.
„Стручниот колегиум на ВЈО Скопје утврдил дека по конкретниот кривичен предмет е постапувано правилно и согласно законските прописи и во конкретниот случај јавнообвинителските одлуки се носени откако се прибавени сите докази, информации и известувања кои јавниот обвинител сметал дека се потребни за правилно и законито одлучување, односно за донесување на мериторна јавнообвинителска одлука“, велат од Советот на јавни обвинители.
Сообраќајката кај „Млечен“ се случи на 12 октомври 2018 година, кога условно осудениот Васил Чорбаџиев со својот автомобил сврте лево на улицата „Теодосиј Гологанов“ на двојна полна линија и на место каде што има знак „ЗАБРАНЕТО ВРТЕЊЕ ЛЕВО“ и удри во моторот на кој беа тогаш бремената Димитриевска и нејзиниот 32-годишен сопруг.
За обвинителката, според соопштението на Основното јавно обвинителство Скопје, поважно било што на возачот Чорбаџиев му било запалено зелено светло кога свртел, иако тој семафор е исклучиво за пешачкиот премин, а не за вртење лево, бидејќи на истиот семафор има знак „ЗАБРАНЕТО ВРТЕЊЕ ЛЕВО“.
„Кога дошол на крстосницата со улица ‘Анкарска’, на која сообраќајот е регулиран со семафор, на вклучено зелено светло навлегол во лево за да се вклучи на коловозот на улица ‘Анкарска’, но тука постапил спротивно на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, па не го испочитувал поставениот сообраќаен знак – забрането свртување кон лево, го променил правецот на движење и свртел кон лево. Притоа, со предниот лев дел од возилото удрил во предното тркало од моторциклот марка ‘дукати’, сопственост и управуван од оштетениот, а на кој како сопатник била неговата сопруга. При сударот, возачот на моторциклот се здобил со тешки телесни повреди и бил хоспитализиран, но од тежината на повредите починал истиот ден. Со тешки телесни повреди се здобила и неговата сопруга“, соопштија од ОЈО Скопје на 7 септември годинава.
Чорбаџиев (63) беше обвинет за кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 4 во врска со член 297 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, за кое дело предвидена е затворска казна од 1 до 5 години.
ОЈО Скопје тогаш кажаа и дека обвинителката направила анализа на сите обезбедени докази и утврдената состојба и од кривично-правен аспект неспорно произлегло дека обвинетиот кривичното дело го сторил од небрежност, а не од умисла, бидејќи не направил сообраќаен пропуст, повторно повикувајќи се на тоа дека на раскрсницата навлегол на зелено светло и возилото не го управувал под дејство на алкохол.
Пресудата на 4 август ја изрече судијката од Основниот кривичен суд Елена Илиевска-Јосифовиќ, која поради неосудуваност на возачот и поради тоа што не бил под дејство на алкохол, му изрече само условна затворска казна.
М. ИЛИОСКИ