Обвинителката Наташа Сарамандова останува во тимот обвинители кои го застапуваат обвинението против 34-цата обвинети за свој придонес во страшната трагедија во диското „Пулс“ во Кочани. Државниот обвинител Ненад Савески одбил да ја изземе по барањето на дел од адвокатите на обвинетите на последното рочиште на 25 јуни.
Како што дознава САКАМДАКАЖАМ.МК, Савески не нашол основа, односно аргумент за наводна пристрасност во постапувањето на обвинителката за време на презентацијата на доказите, како што тврдат адвокатите. Сарамандова со деталното објаснување на секој доказ при презентацијата, како и на околноста поради која е поднесен секој доказ, многу ги налути адвокатите на обвинетите поранешни министри за економија.
Министрите и вработените во Министерството за економија кои 13 години му ги потпишувале или одобрувале лиценците на обвинетиот газда Дејан Јованов за неисправното и незаконското кабаре „Пулс“, адаптиран производствен погон со само една врата за излез, имаат најсилни и најборбени адвокати. Тие ја прекинуваа Сарамандова. Судијката Дијана Груевска-Илиевска ја тргна од презентирањето додека не одлучи Државниот обвинител, а нејзин колега од тимот продолжи само сувопарно да ги чита доказите, без ред и реченица објаснување.
Во знак на протест, разочарани и вознемирени од публиката си заминаа родителите на починатите 63 деца.
Според Законот за кривична постапка, за начинот на презентација на доказите одлучува обвинителот. Секакво друго ограничување, макар и од судот, односно од судијата, се коси со задолжителната законска одредба за транспарентност.
Судењето продолжува на први јули во среда, со презентација на материјални докази за обвинети од Пазарен инспекторат.
С. К. ДЕЛЕВСКА



