Обвинителката за врски во Агенцијата на Европската Унија за соработка во кривичната правда (Еуроџаст) Ленче Ристоска, упати барање до Драган Павловиќ-Латас да ѝ се извини за јавно кажани клевети и навреди за неа во интервју, за кои таа смета дека ги кажал поради нејзината апликација за кандидатка за судијка во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур.
Павловиќ-Латас кажа дека неовластено зела 100.000 евра и немала стаж за судија во ЕСЧП.
„Поради мојата апликација, мета сум на неосновани напади и клеветнички изјави. Денес упатив барање за јавно извинување до Драган Павловиќ-Латас, за клевети искажани во емисијата ‘Само вистина’ емитувана на Канал 5 на 16.05.2025 година, во која лажно тврди дека неовластено сум земала износ од 100.000 евра според Агенција за борба против корупција и дека немам ни стаж. Имајќи предвид дека Државната комисија за спречување корупција за мене никогаш немала поведено било каква постапка поврзана со примањата кои ги имам остварувано како обвинител во СЈО, како и дека сум дел од правосудниот систем од 2009 година, барав јавно извинување за ваквите клевети”, објави Ристоска на својот фејсбук профил.
Причината поради која реагира, вели, е дека постапката за избор на кандидатите е во сензитивна фаза и македонската Влада сè уште се нема произнесено по предлогот на комисијата.
„Оттаму, ваквиот интенциозен јавен напад, освен штета по мојот интегритет, може да нанесе директна штета во однос на мојата позиција во понатамошниот тек од постапката. Конечно, немам апсолутно никаков проблем со тоа некој да смета дека има други кандидати кои ја заслужуваат позицијата судија во Европскиот суд за човекови права повеќе од мене, но во духот на праксата на Европскиот суд за човекови права неопходно е изјавите и коментарите кои се даваат во јавноста да бидат базирани на точни и проверени информации, со цел поттикнување на објективна и издржана јавна дебата”, напиша Ристоска.
Кандидати од Македонија за судија за ЕСЧП се и судијката Габриела Гајдова и адвокатот Јордан Апостолски.
Павловиќ во статус на фејсбук не само што не ѝ се извини на Ристоска, туку и дополнително ја извреѓал. Таа најавува тужба за клевета и навреда.
Ристоска вчера доби случај пред Уставниот суд, кој на нејзина иницијатива, укина нефер одредби со кои самоиницијативно, Советот на јавните обвинители за себе си воспоставил право, членовите-обвинители додека работат во Советот да ги третираат како обвинители, а тие не се обвинители, и нивното работење во Советот да се третира како обвинителска дејност. Одредбата значи дека додека седат во Советот на функција и не водат истраги, да бидат вреднувани како колегите обвинители кои секојдневно работат на предмети.
Претходно, Ристоска пред Комисијата за заштита и спречување од дискриминација доби случај против Советот на јавни обвиители, кој на повеќе огласи ја дискриминираше и на ја унапредуваше, без образложение, а во поединечни изјави од членовите, беше окарактеризирана како: млада е (додека помлади од неа беа унапредувани), не работела (а беше на боледување поради патолошка бременост, а потоа и породилно отсуство).
Втората победа ја имаше во Управниот суд, каде што поранешниот претседател на Советот на јавни обвинители Антонијо Јолевски ја тужеше Комисијата за нивната одлука.
С. К. ДЕЛЕВСКА