ОБВИНИТЕЛСТВОТО БАРА ОД МОНАКО ДА ГИ ЗАМРЗНЕ 11-ТЕ МИЛИОНИ ЕВРА ОД ПРОДАЖБАТА НА ФИРМА КОЈА СТОПАНИСУВА СО ЦЕНТРИ ЗА ДИЈАЛИЗА

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО БАРА ОД МОНАКО ДА ГИ ЗАМРЗНЕ 11-ТЕ МИЛИОНИ ЕВРА ОД ПРОДАЖБАТА НА ФИРМА КОЈА СТОПАНИСУВА СО ЦЕНТРИ ЗА ДИЈАЛИЗАВо соопштението се вели дека Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција од оформувањето на предметот во врска со доделувањето на концесијата за центрите за дијализа во Република Македонија, презема низа активности за расветлување на случајот. (Фото: СДК.МК)

    Основното јавно обвинителство доставило барање до Кнежевството Монако да ги запре извршувањето на финансиски трансакции на сметките на кои се префрлени пари од продажбата на концесионер на центри за дијализа во Македонија.

    Во соопштението се вели дека Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција од оформувањето на предметот во врска со доделувањето на концесијата за центрите за дијализа во Република Македонија, презема низа активности за расветлување на случајот.

    Извори од обвинителството за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека побараното блокирање на сметките е во врска со фирмата „Диамед Македонија“, бидејќи обвинителството дознало дека на почетокот на месецот таа била продадена на друга фирма, а парите од продажбата биле префрлени на сметки во Монако.

    „Во рамките на постапката, надлежниот јавен обвинител во изминатиот период, дојде до сознанија дека правното лице – концесионер на центрите за дијализа е отуѓено, а финансиски средства во значителен износ се префрлени на сметки во Монако. Преку меѓународна правна помош доставено е барање до Кнежевството Монако за запирање на извршување на финансиски трансакции на сметките на кои се префрлени пари од продажбата на правното лице во износ од 11 милиони евра. Воедно, до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција од Кнежевството Монако е доставено барање за вклучување на нивен обвинител во истрагата, на што обвинителството позитивно одговори и го одобри барањето“, се вели во соопштението на Основното јавно обвинителство.

    Познатата шведска фирма „Диаверум“, која работи со бубрежно болни лица, на почетокот на ноември соопшти дека ја купила фирмата „Диамед Македонија“.

    „Диамед Македонија“ работи со девет центри за дијализа од 2010 година, кога го доби тендерот за концесионирање на 20 години. Останатите центри за дијализа ги доби фирма на бизнисменот Орце Камчев, сопственик на „Орка Холдинг“.

    Двете фирми кои стопанисуваат со центрите за дијализа, парите ги добиваат од Фондот за здравствено осигурување.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира