ОБВИНИТЕЛСТВОТО БАРА ПРИТВОР ЗА ЦУФИ КОКА И ЗА ДВАЈЦА ДЕМОНСТРАНТИ ПРЕД СОБРАНИЕТО

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО БАРА ПРИТВОР ЗА ЦУФИ КОКА И ЗА ДВАЈЦА ДЕМОНСТРАНТИ ПРЕД СОБРАНИЕТОПриведениот Цуфи Кока беше дел од групата која околу 20 часот кај плоштадот Скендербег ги нападна со камења, шишиња и други тврди предмети демонстрантите кои маршираа од Влада до МНР кон Собранието. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Обвинителството бара притвор за Цуфи Кока, кој беше дел од групата која вчера кај плоштадот Скендербег во Скопје ги нападна со камења, шишиња и други тврди предмети демонстрантите кои маршираа од Влада до МНР кон Собранието. Тој е активист на Алијанса за Албанците, коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ, чиј лидер Христијан Мицкоски синоќа тврдеше дека сакал да го убие. Брат му Зуди Енузи Кока е директор на „Комунална хигиена“, кого градоначакничката на Скоpје Данела Арсовска синоќа го разреши по инцидентот.

    Постапувајќи по поднесена кривична пријава, Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 40-годишен скопјанец за кого постои основано сомневање дека сторил кривично дело – Предизвикување општа опасност по член 288 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

    „Осомничениот, на 6 јули, на платото пред плоштадот Скендербег, со општо опасно средство – пиштол марка ‘волтер модел Р 99’ со калибар 9х19 мм, кој го поседувал со дозвола, предизвикал значителна опасност за животот или телото на луѓето. За време на движењето на група граѓани кои учествувале на јавен собир, тој забележал како дел од граѓаните фрлаат камења, по што се упатил кон нив и во два наврати испукал по два куршума во воздух“, велат од Обвинителството.

    За две други лица, пак, Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка за кривично дело – Учество во толпа што ќе изврши кривично дело од член 385 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

    „Првиот од нив, на возраст од 18 години, е осомничен дека на 5 јули, за време на протестите пред објектот на Собранието, учествувал во толпа која сторила кривично дело – насилство, така што подготвил молотов коктел во стаклено шише кое го наполнил со бензин, му ставил парче ткаенина и го запалил. Шишето го дал на друг учесник во толпата, кој го фрлил кон поставениот кордон од полициските службеници за обезбедување на јавниот ред и мир пред зградата на Собранието“, вели Обвинителството.

    Скопјанец нa возраст од 22 години, за време на протестите пред Собранието на 6 јули, исто така учествувал во толпа која сторила кривично дело – насилство, така што од својот ранец извадил камења и запалки, со кои во неколку наврати фрлал кон зградата на Собранието и кон кордонот од полициски службеници. Притоа бил повреден еден полициски службеник.

    Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје попладнево достави предлози за определување притвор за сите тројца осомниени, оти постои опасност за бегство и можност да го повторат делото што им се става на товар.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира