ОБВИНИТЕЛСТВОТО ДА ОТВОРИ ИСТРАГА ПРОТИВ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА САРАЈ БЛЕРИМ БЕЏЕТИ ЗА ДИВИТЕ ПЛАТФОРМИ НА МАТКА, БАРА АНТИКОРУПЦИСКАТА КОМИСИЈА

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО ДА ОТВОРИ ИСТРАГА ПРОТИВ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА САРАЈ БЛЕРИМ БЕЏЕТИ ЗА ДИВИТЕ ПЛАТФОРМИ НА МАТКА, БАРА АНТИКОРУПЦИСКАТА КОМИСИЈАСАКАМДАКАЖАМ.МК на 10 февруари објави дека на кањонот Матка на диво се градат платформи. Оттогаш никој не ги урива, ниту ги чепка платформите, напротив тие работат претворени во кафулиња и места за изнајмување на кајаци и кајчиња. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Антикорупциската комисија бара од обвинителството да отвори истрага против градоначалникот на Сарај, ексминистерот за правда Блерим Беџети, зашто не постапил по барањата за легализација на дивите платформи на Матка. Тој воопшто не решавал за нив, дивоградбите се таму и на нив дивите сопственици тераат угостителски бизнис.

    Комисијата на денешната седница побара од Владата да и ги одзеде градежните овластувања на општина Сарај.

    Она што го утврдила Антикорупциската комисија, а Беџети не, е дека времени објекти, како што се дивите платформи на Матка, според законот, не може да се легализираат. Во поднесените барања за легализација недостигале низа согласности од надлежни органи.

    „На 8 февруари 2019 година поднесени се две барања за легализација на овие времени објекти. Барањата ги поднеле Амет Саити и Џемал Саити. Констатиравме дека градоначалникот, кој е надлежен да одлучи, не одговорил на барателот иако општините се тие кои даваат дозвола за градење од локален карактер. Со непостапувањето, Беџети ги прекршил одредбите од Законот за локална самоуправа“, рече претседателката на Комисијата Билјана Ивановска.

    Ивановска рече дека градоначалникот на Сарај патем имал и основа да донесе решение, и тоа одбивателно, во смисла да се забрани легализирање на овие диви објекти на Матка. Ако градоначалникот одговорел на барањата и донел решение дека не може да се легализираат, институциите ќе можеле да постапуваат, смета Комисијата.

    „Државниот инспекторат за водостопанство констатирал дека барателите на легализација треба да ги отстранат објектите. Воедно упатена е и забрана на таа локација да има моторни чамци“, рече претседателката Ивановска.

    Антикорупциска денеска побара и разрешување на директорката на Клиниката за стоматологија Амела Цана и постапка за кривична одговорност против неа за злоупотреба, бидејќи го злоупотребила дискреционото право при изборот на кандидати за вработување.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира