Премиерот Зоран Заев вели дека за бегството на осудениот експремиер Никола Груевски се чека конечниот извештај, бидејќи Јавното обвинителство е во сериозна истрага. Запрашан дали унгарски разузнавачи и дипломати помогнале да избега Груевски, Заев рече дека токму за овој дел се чекаат конкретни одговори и од истражните органи и од МВР.
„Жалам што МВР сѐ уште не може да излезе со детална информација, но секако почитувам и јас, почитуваат и тие дека Јавното обвинителство е во сериозна истрага и сѐ додека трае истрагата не може да излеземе со детали. Јас сум информиран, отприлика знам до каде се стигнати работите од МВР, и во многу брзо време ќе заврши со истрагата и ќе ги споделиме сите детали што тоа се случувало во Македонија, заради тоа што се знае што се случувало во Албанија, Црна гора Србија и Унгарија”, кажа Заев денеска во Струмица.
Тој верува дека ќе има двотретинско мнозинство за уставните измени и верува дека последните притвори на функционери од ВМРО-ДПМНЕ нема да имаат влијание врз политичкиот систем во државата иако дел од осумтемина пратеници отворено кажаа дека последните притвори на Мијалков, Јанакиески и Божиновски не се во функција процесот на помирување
„Жалам што пратениците истакнуваат дека тоа влијае, секако јас се надевам дека ќе останат на сите свои ставови, бидејќи на 1 декември ќе соопштиме амандмани со кои ќе потврдиме сериозна вграденост на опозиционите дискусии и предлози во самите уставни амандмани што според мене ќе значи потврдување на двотретинското мнозинство па дури и негово зголемување, но тоа е само моја надеж”, истакна Заев.
В. ТРАЈКОВ