Лани во Македонија вкупно се регистрирани 18 напади на новинари, од кои 13 физички и вербални напади, додека другите се навреди, попречување во работа и уништување на имотот, стои во Извештајот за слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Македонија за 2017 година кој денеска го презентираше Здружението на новинари (ЗНМ).
„Минатата година во Македонија новинарите беа уценувани, прогонувани, тепани, добиваа смртни закани, се прогласуваа за предавници. Насилниците физички и вербално ги напаѓаат новинарите затоа што сакаат да ги заплашат и замолкнат со цел јавноста да не дознае за злоупотребите на власта“, рече претседателот на ЗНМ, Насер Селмани на денешната прес конференција.
Во извештајот е наведено дека Обвинителството досега не покренало ниту едно обвинение пред судовите за насилство против новинарите и говор на омраза.
Претседателот на ЗНМ Селмани, како најбрутален физички напад врз новинарите го наведе насилството во Собранието на 27 април 2017 година.
„Овие насилници физички ги нападнаа новинарите и снимателите и ги спречија да известуваат од Собранието. Притоа им ги одземаа и им ги оштетија камерите и мобилните телефони. Освен тоа, некои од нив, под закана и со оружје, беа со часови држени како заложници, а притоа полицијата не им пружи никаква заштита“, вели Селмани.
Како извор на насилствата во 2017, Селмани посочува дека во 95 отсто од нападите се извршени или мотивирани од претходната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Според него загрижува што и по промената на власта обвинителство не покажува поголем интерес за процесуирање на овие напади.
Во извештајот на ЗНМ се констатира дека покрај недостигот на безбедност во работата, новинарите во Македонија работат под исклучително лоши економски услови. Тие имаат мали и нередовни плати, а немаат ниту договори за трајно вработување кое негативно влијае на нивната професионална независност.