ОБВИНИТЕЛСТВОТО ОТВОРИ ИСТРАГА ПО ДОПРЕН ГЛАС ОТКАКО ЈЕРЕМИЌ ГИ ОБВИНИ ГРУЕВСКИ И МИЈАЛКОВ ДЕКА ПЕРЕЛЕ ПАРИ ВО СРБИЈА

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО ОТВОРИ ИСТРАГА ПО ДОПРЕН ГЛАС ОТКАКО ЈЕРЕМИЌ ГИ ОБВИНИ ГРУЕВСКИ И МИЈАЛКОВ ДЕКА ПЕРЕЛЕ ПАРИ ВО СРБИЈАЈавното обвинителство вели дека постапката е покрената по објавените написи во повеќе македонски медиуми, кои што ја пренесоа изјавата на српскиот политичар Вук Јеремиќ. (Фото: принтскрин/Твитер)

    Основното јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција објави дека покренало предистражна постапка поради постоење индиции дека високи македонски функционери переле пари, што произлегло од изјава на поранешниот министер за надворешни работи на Србија, Вук Јеремиќ.

    Минатата недела, Јеремиќ изјави дека чешката компанија „Чехословак груп“, преку белградската фирма СЦМГ, во октомври годинава ја купила централата на фирма од Крушевац за четири милиони евра, и тоа без јавна лицитација, со директен договор.

    „Според српските закони, ова е возможно само во специјални случаи, а специјално во овој случај е што годинава во Македонија беше соборен диктаторскиот и длабоко корумпиран режим на Никола Груевски. Тоа се луѓе од тој режим, особено Сашо Мијалков, десната рака на Груевски, кои почнаа панично да ги извлекуваат парите од своите коруптивни активности и да ги вложуваат во разни шеми. Во случајот со „14 Октомври“, тоа одело преку Чешка“, откри Јеремиќ за српската телевизија „Наша“.

    Јавното обвинителство вели дека постапката е покрената по објавените написи во повеќе македонски медиуми, кои ја пренесоа изјавата на Јеремиќ.

    „Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ги презема сите потребни дејства и координација со институциите, надлежни за откривање на овој вид кривични дела“, информираат од ОЈО.

    ВМРО-ДПМНЕ реагираше на изјавата на Јеремиќ со демант: „Ниту Претседателот Никола Груевски, ниту Сашо Мијалков немаат никаква поврзаност со приватизацијата на фабрики во Србија. Ниту претседателот Никола Груевски, ниту Сашо Мијалков извлекувале пари од Македонија за да купуваат фирми во Србија, како што пренесуваат медиумите“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира