ОБВИНИТЕЛСТВОТО ОТВОРИ ПРЕДИСТРАЖНА ПОСТАПКА ЗА ИВАНОВ ЗА НЕПОТПИШУВАЊЕТО ЗАКОНИ

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО ОТВОРИ ПРЕДИСТРАЖНА ПОСТАПКА ЗА ИВАНОВ ЗА НЕПОТПИШУВАЊЕТО ЗАКОНИПредистражната постапка е во врска со непотпишувањето на Законот за јазиците и ратификацијата на Договорот од Преспа. - Ѓорге Иванов (Фото: СДК.МК)

    Основното јавно обвинителство Скопје покрена предистражна постапка за проверување на наводите во две анонимни кривични пријава против претседателот Ѓорге Иванов во врска со непотпишувањето на Законот за употреба на јазиците и на ратификацијата на Договорот од Преспа.

    „Постапувајќи по две анонимни кривични пријави во врска со непотпишувањето на Законот за јазиците и Договорот од Преспа, Основното јавно обвинителство Скопје постапува во предистражна постапка, во насока на проверка на наводите во пријавите. Со таа цел веќе се побарани податоци и информации од Собранието на Република Македонија и од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија за тоа кога се донесени одлуките во законодавниот дом, односно дали и од кои причини не се потпишани од страна на Претседателот“, изјавија од Скопското обвинителство.

    На 14 март годинава, кога по вторпат беше изгласан Законот за употреба на јазиците во Собранието со 64 гласа „за“, Иванов соопшти дека нема да го потпише указот за прогласување на законот, иако во член 75 од Уставот на Република Македонија пишува дека „претседателот на Републиката е должен да го потпише указот“ ако Собранието повторно го разгледува законот откако претседателот ќе одбие да го потпише и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

    Претседателот Иванов одби да ја потпише и ратификацијата на Договорот од Преспа бидејќи, како што кажа тој, бил штетен за националните интереси за Македонија, иако беше изгласана два пати во Парламентот.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира