ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЗА ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ ВЛЕЗЕ ВО ДИК ДА ЈА ИСПИТА НАБАВКАТА НА СОФТВЕР ЗА ВЕБ САЈТОТ, КОЈ БЕШЕ НЕДОСТАПЕН СО ДЕНОВИ

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЗА ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ ВЛЕЗЕ ВО ДИК ДА ЈА ИСПИТА НАБАВКАТА НА СОФТВЕР ЗА ВЕБ САЈТОТ, КОЈ БЕШЕ НЕДОСТАПЕН СО ДЕНОВИБидејќи веб сајтот на ДИК падна веднаш по затворањето на избирачките места во 21 часот нa 15 јули, ДИК импровизираше и ги објавуваше првичните неофицијални резултати во живо на Јутјуб. (Фото: принтскрин/Јутјуб)

    По наредба на судија на претходна постапка, Обвинителството за организиран криминал и корупција со асистенција на Одделот за организиран криминал во МВР утринава рано влезе во Државната изборна комисија да ја одземат, како што дознава САКАМДАКАЖАМ.МК, документацијата од договорот потпишан по преговарање без оглас со компјутерската фирма која не успеа да го одржи и да го работи сајтот на Комисијата на денот на изборите и деновите потоа.

    За првпат од 2006 година кога ДИК се дигитализираше, граѓаните не можеа ниту да го следат броењето на гласовите и резултатите од избори, туку да видат каков било друг податок од клучниот орган за спроведување на изборниот процес, зашто сајтот падна вечерта по затворањето на избирачките места на 15 јули и беше мртов во наредните неколку дена.

    Обвинителството најави дека по соопштувањето на конечните резултати од предвремените парламентарни избори, ќе отвори предмет за случувањата во ДИК, за да не влијае врз нејзината работа претходно. Но, САКАМДАКАЖАМ.МК влезе во јавнодостапната тендерска постапка и воочи нерегуларности за тоа како компјутерската фирма која била задолжена да ја одржува вебстраната на Комисијата, добила на јавната набавка недела дена пред изборите.

    Постапката за набавка на софтвер за веб сајт на ДИК на кој што требаше во живо да се објавуваат резултатите од предвремените парламентарни избори завршила на 8 јули 2020, кога била одбиена жалбата на „Ај Воут“, фирмата која што без проблеми го одржуваше сајтот на ДИК од 2006 година, т.е. од формирањето на ДИК како постојано тело.

    Набавката на софтверот е спроведена со преговарање без објавување на оглас, а како најповолен понудувач беше избрана фирмата „Дуна“. Двете компании биле поканети на преговори од ДИК на 19 јуни 2020, а фирмите утредента ги доставиле понудите. Одлуката за избор на „Дуна“ е донесена на 22 јуни 2020. Истиот ден, „Ај Воут“ поднела жалба, која што е одбиена од Државната комисија за жалби по јавни набавки како неоснована на 8 јули 2020.

    За оваа набавка беше распишан тендер на 12 февруари 2020, кога се пријавиле истите две фирми. На 28 април 2020, ДИК ја избра „Дуна“ како најповолен понудувач, но тогаш Државната комисија за жалби по јавни набавки ја прифатила жалбата на „Ај Воут“ и го поништила тендерот.

    Понатаму во прифатената жалба се наведува дека фирмата „Дуна“ не исполнувала ниту еден од трите минимални услови и требало да биде исклучен во постапката за јавна набавка. Трите услови се:

    – Економскиот оператор треба да има најмалку 3 референци од успешни имплементации на софтверски проекти со сличен предмет, обем и функционалности како предметот на оваа јавна набавка

    – Економскиот оператор треба да има најмалку 1 референца од успешни имплементации на софтверски проекти преку мобилен уред и приказ на внесените податоци преку динамичка јавна веб страна со најмалку 50.000,00 прегледи на страни во период од еден час

    – Економскиот оператор треба да има вработено или ангажирано проектен тим со проектен менаџер, софтверски архитект и главен развивач на софтвер со искуство од најмалку 2 успешни имплементации на софтверски проекти

    Но, ДИК ги намали критериумите за избор на најповолен понудувач.

    Од документацијата се гледа дека Компјутерската фирма „Дуна“ која што потоа го доби поништениот тендер за набавка на софтвер за веб сајтот, не потпишала Изјава за сериозност, ниту пак ги исполнила трите минимални услови, според жалбата што ја прифатила Државната комисија за жалби по јавни набавки.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира