Министерот за здравство Арбен Таравари вели дека ги почитувал сите здравствени протоколи при посета на пациентите кои се хоспитализирани по пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ на 16 март. Во пожарот загинаа 59 лица, главнината на возраст од 14-25 години.
„Не би сакал да ги политизираме овие моменти, за мене како министер за здравство е важно, пред сѐ и над сѐ, пациентите да се живи и здрави во овие кризни моменти. Јас и на социјалните мрежи споделив дека не треба да се споделуваат лицата на пациентите, се надевам дека ние како Влада се придржуваме стриктно . И премиерот и јас како министер имаме обврска да одиме да ги видиме пациентите, тие кои што се полесно повредени. За тие што се со изгореници од прв степен, не ни треба ништо друго освен маска. За тие што се на интензивна нега, таму има правила и кај нас и во странство. И да сакаме ние, не можеме без да бидеме облечени како што треба. Секаде бев облечен како што треба. Наша обврска е секојдневно да ги следиме и да бидеме во тек со сѐ“, рече Таравари на денешната прес-конференција пред Ургентниот центар во Скопје.
Министерот кажа дека вкупно се третираат 178 пациенти низ различни здравствени установи од кои 64 се во државните болници во Македонија и 13 се во приватните и дека сите се во релативно стабилна состојба. Во моментов 101 пациент се третираат надвор од државата. Додаде дека енеска е последниот транспорт на повредени во странство.
Мицкоски и министерот за здравство Арбен Таравари завчера ги посетија пациентите во скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“ и по посетата, од владината Служба за односи со јавноста испратија фотографии на кои не им се гледаат лицата на пациентите, а функционерите носат само заштитни маски. Од вчершната посета на Мицкоски на Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“, беа испратени фотографии од Мицкоски со заштитна наметка и маска на лицето, без фотографии од болнички соби.
Српскиот претседател Александар Вучиќ завчера ги посети македонските пациенти кои се хоспитализирани во Универзитетскиот Клинички центар на Србија, со бројна медиумска медиумска екипа. Медиумите објавија фотографии и видеа од повредените деца во креветите на Интензивна нега, што наиде на бурни реакции и во Македонија и во Србија дека не е ниту медицински безбедно, ниту е етички така да се посетуваат критично повредени и тоа да се споделува во медиуми и социјални мрежи. Независното здружение на новинари на Србија (НУНС) најостро ја осуди посетата на осуди Вучиќ, и рече дека ја смета за чин за неетичка експлоатација на жртвите за лична промоција, што отвора сериозни прашања за новинарската етика и безбедноста на пациентите.
Лекарската комора вчера преку соопштение апелираше да се почитуваат медицинските протоколи за лекување и заштита на ваков тип на пациенти, кои предвидуваат изолација и забрана за посети.
„Мора да се има предвид дека овие болни имаат мултисистемско засегање на организмот и зголемен ризик од инфекции. Секој дополнителен контакт со надворешни лица, директно и сериозно, може да го загрози нивното здравје. Присуството на цивилни лица кај овие болни, исто така, може да предизвика и непотребен стрес и вознемиреност, како и да го попречи работењето на медицинскиот персонал.
Ги повикуваме сите институции, политичари, медиуми, граѓани и здравствени работници да ги почитуваат медицинските протоколи, а здравјето на повредените да го сметаат за највисок приоритет. Веруваме дека со таков однос ќе се постигне поголема доверба кај јавноста, отколку со непотребни директни посети на болните“, соопшти Лекарската комора.
Б. НЕСТОРОСКА