Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи очекува за Законот за јазиците да гласа и ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи, како што кажа тој, партијата на Никола Груевски констатирала дека имале погрешен пристап и има јавен став дека ќе го сменат односот кон албанската заедница.
„Тие имаа јавен став дека ќе го сменат односот кон албанската заедница затоа што констатирале во партијата дека имале погрешен пристап. Ние сметаме дека ова е идеална можност ВМРО да го коригира ставот и заеднички со консензус да го донесеме Законот за јазиците. Такво чувство имаме добиено од јавните ставови на ВМРО-ДПМНЕ“, кажа Османи.
Османи, заедно со министерот за правда Билен Салији денеска во Клубот на пратеници, организираа работна средба посветена на имплементацијата на реформите од План 3-6-9 кои се однесуваат на правосудството. По работната средба, Салији кажа дека ќе се укинува Совет за утврдување факти и покренување одговорност на судија и надлежностите ќе се враќаат во Судскиот совет, сè со цел да се намали притисокот врз судиите.