ОД 1 ЈАНУАРИ ПОВИСОКИ ПЛАТИ ЗА 10 ОТСТО ЗА НАСТАВНИЦИТЕ И ПРОФЕСОРИТЕ

    ОД 1 ЈАНУАРИ ПОВИСОКИ ПЛАТИ ЗА 10 ОТСТО ЗА НАСТАВНИЦИТЕ И ПРОФЕСОРИТЕПовисоки плати ќе добијат околу 20.000 вработени во основното образование, 8.000 во средното, 4.500 во високото образование и 220 вработени во научните институции-Министерот за образование Арбер Адеми и претседателот на СОНК Јаким Неделков. (Фото: Влада)

    Наставниците и професорите од 1 јануари ќе земаат за 10 отсто повисоки плати. Спогодбата за покачување на платите беше потпишана денеска меѓу Самостојниот синдикат на образование наука и култура (СОНК) и Министерството за образование.

    Повисоки плати ќе добијат околу 20.000 вработени во основното образование, 8.000 во средното, 4.500 во високото образование и 220 вработени во научните институции.

    Премиерот Зоран Заев кажа дека со покачувањето од 10 отсто од 1 јануари, вкупното покачување на платите во основното, средното, високото образование и во науката, ќе изнесува 20,6 отсто имајќи ги предвид претходните две покачувања за само една година два пати по 5 отсто.

    Претседателот на СОНК Јаким Неделков кажа дека се задоволни од покачувањето на платите, но во наредниот период ќе работат на потпишување на колективен договор за високото образование, измени на колективните договори за основно и средно образование, враќање на регресот за годишен одмор, враќање на надоместокот за превоз за наставниците кои одат на работа во руралните средини и плаќање на прекувремената работа.

    Самостојниот синдикат на образованието и културата пред почетокот на учебната година бараа зголемување на платите за 25 отсто и најавуваа дека ќе штрајкуваат. На 1 септември дел од наставниците не ги примаа децата на првиот училиштен ден. По преговорите со Владата иако најпрво од СОНК велеа дека нема да прифатат покачување на платите само за 10 отсто, на крај беше постигнат договор.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира