ОД 1 СЕПТЕМВРИ ВЛЕЗ ВО МАКЕДОНИЈА СО ПЦР ТЕСТ, ПОТВРДА ЗА ВАКЦИНА ИЛИ ПРЕЛЕЖАН КОВИД, ТИЕ ШТО НЕМААТ ЌЕ ОДАТ ВО КАРАНТИН 7 ДЕНА

    ОД 1 СЕПТЕМВРИ ВЛЕЗ ВО МАКЕДОНИЈА СО ПЦР ТЕСТ, ПОТВРДА ЗА ВАКЦИНА ИЛИ ПРЕЛЕЖАН КОВИД, ТИЕ ШТО НЕМААТ ЌЕ ОДАТ ВО КАРАНТИН 7 ДЕНАПотврда за примена барем една доза вакцина или прележан ковид пред максимум 45 дена ќе треба и за влез во затворениот дел од моловите. (Фото: СДК.МК)

    Од 1 септември 2021 година домашни и странски државјани ќе можат да влезат на македонска територија доколку претходно на граничниот премин приложат потврда за примени две дози од вакцина против ковид-19, потврда за прележан ковид-19 во последните 45 дена или негативен ПЦР тест, направен најмногу 72 часа претходно, соопшти Владата по денешната седница.

    Оттаму додаваат дека на македонските граѓани кои ќе влезат во државата без ваква потврда или негативен ПЦР тест, ќе им се одреди мерка карантин од седум дена, со решение за домашна изолација од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
    Исклучок од ова правило ќе бидат странските државјани кои транзитираат низ земјата, кои ќе можат да го направат тоа во рок од 5 часа со претходно потпишана изјава на влез во земјата која ќе треба да ја приложат пред граничната контрола на излез од земјата.

    Владата денеска ги усвои и препораките на Комисијата за заразни болести во врска со угостителските објекти и трговските центри.

    Согласно препораките, Владата донесе одлука дека за влез во угостителски објекти, кафулиња и барови, без разлика на капацитетот и бројот на присутни, како и за настан од секаков вид (прослава, веселба, свадба, роденден, крштевка, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културен или спортски настан, обложувалници, казина), задолжително е поседување, приложување и проверка на еден од следните документи:

    • сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2, односно примена најмалку прва доза вакцина против заразната болест КОВИД – 19 или
    • сертификат/потврда за прележан КОВИД – 19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, за лица над 18-годишна возраст.

    Оваа мерка задолжително се применува и за организација, работа и присуство/учество и на секаков вид на настан на отворен простор, каде има повеќе, како и за влез во затворениот дел од моловите.

    Дополнително, велат од Владата, во сите угостителски објекти, кафулиња и барови опфатени со оваа мерка каде капацитетот е поголем од 30 посетители/гости/лица, задолжителнo e воспоставување редарска служба од страна на правниот субјект за контрола и спроведување на мерката, додека пак во угостителските објекти со капацитет помал од 30 лица контролата на поседувањето на ковид-19 сертификатот на посетителите е должност на редовно вработените лица.

    Овие мерки стапуваат на сила по нивното објавување во „Службен весник“, односно од утре 18 август 2021 година.

    Останува забраната за организација на свадби, веселби и прослави во објекти од затворен тип, додека друг тип на настани на затворено и натаму може да се организираат со исполнетост до 30% од капацитетот на местото каде што се одржува настанот и ограничен број на посетители до максимум 1.000 посетители со задолжително поседување, приложување и проверка на еден од задолжителните ковид-19 документи.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира