ОД 114 ЗДРАВСТВЕНИ УСТАНОВИ, СО 101 РАКОВОДАТ В.Д. ДИРЕКТОРИ

    ОД 114 ЗДРАВСТВЕНИ УСТАНОВИ, СО 101 РАКОВОДАТ В.Д. ДИРЕКТОРИНовиот министер Арбен Таравари прв го разреши директорот на Клиниката за радиотерапија Милан Ристески и на негово место за в.д. директор беше назначен Никола Васев. (Фото: СДК.МК)

    Од 114 здравствени установи во земјава само 11 имаат именувани директори, а со останатите раководат вршители на должност, велат извори од владејачката коалиција. Некои од менаџерите на болниците и клиниките во земјава со години се в.д. директори, а од овие 101 в.д. директор на 12 уште лани им е истечен мандатот и не им е продолжен. Поранешниот министер за здравство Никола Тодоров на повеќето в.д. директори мандатот им го продолжил на 26 април годинава со важност до 26 октомври годинава.

    Со истечен мандат се в.д. директорите на здравствените домови Куманово, Битола, Македонски брод, потоа на в.д. директорката на Центарот за јавно здравје Велес, Заводот за физикална медицина и рехабилитација, специјалната болница за белодробни заболувања и туберколоза Лешок.

    В.д. директорот на Градската општа болница „8 септември“ д-р Сашо Стојчев, в.д. директорот на Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле д-р Оливер Зафировски, в.д. директорот на Клиниката за дигестивна хирургија Александар Караѓозов, како и в.д. директорката на Центарот за традиционална кинеска медицина Штип Ленче Николовска, исто така се со истечени мандати.

    Клиниките за радиологија, пулмологија, ендокринологија, хематологија, инфективна, дерматовенерологија, психијатрија, детска хирургија, ПЕТ центарот и Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар имаат именувани директори, чиј мандат истекува во 2020 година.

    На клиниките за радиологија и на инфективна и медицинскиот и економскиот директор се именувани до 2020 година, односно д-р Надица Митревска како медицински директор на радиологија останува до 2020 година, а д-р Звонко Миленковиќ на Клиниката за инфективни болести. На останатите клиники именувани директори до 2020 година се економските директори, а медицинските се со мандат до октомври годинава како в.д. директори.

    Неофицијално од Владата велат дека викендов владејачките коалициони партнери ги договориле сите директорски и раководни места што треба да ги пополнат со нов кадар.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира