ОД 2 МАРТ СЕ ИСКЛУЧУВААТ СИТЕ ТЕЛЕВИЗИИ ОСВЕН МТВ1, МТВ2 И СОБРАНИСКИОТ КАНАЛ, ОДЛУЧИЈА КАБЕЛСКИТЕ ОПЕРАТОРИ

    ОД 2 МАРТ СЕ ИСКЛУЧУВААТ СИТЕ ТЕЛЕВИЗИИ ОСВЕН МТВ1, МТВ2 И СОБРАНИСКИОТ КАНАЛ, ОДЛУЧИЈА КАБЕЛСКИТЕ ОПЕРАТОРИДодека трае прекинот операторите нема да наплатуваат услуги оти ќе ги емитуваат само трите канали на јавниот сервис - Собранискиот канал (Фото: СДК.МК)

    Од 2 март на полноќ кабелските оператори ќе ги исклучат сите домашни и странски ТВ канали, освен МТВ1, МТВ2 и Собранискиот канал и додека трае прекинот нема да наплатуваат услуги, соопшти Здружението на информатичко-комуникациските технологии, кое ги обединува сите оператори.

    „Како општествено одговорни компании и имајќи ја предвид сериозноста на ова прашање, операторите по средбите со државниот врв се согласија да го одложат датумот за прекин за 2 март 2020 година на полноќ, за да остават простор за изнаоѓање законско решение во интерес на граѓаните“, стои во соопштението.

    Заканата за исклучување на сите ТВ канали доаѓа по последните измени на Законот за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги, што Собранието ги донесе на денот на распуштањето, по скратена и нетранспарентна постапка и без претходна јавна расправа.

    Операторите велат дека законските измени им наметнуваат обврска да гарантираат за авторските права на програми кои тие не ги произведуваат, туку само ги реемитуваат и за тоа да сносат материјална и кривична одговорност. Оваа законска обврска за операторите претставува состојба на виша сила и е неприменлива затоа што операторите кои реемитуваат програма не можат да имаат ниту контрола, ниту одговорност за тоа дали се регулирани авторските права за сите поединечни програми што ги создаваат и емитуваат телевизиите.

    Петте национални телевизии (Алсат, Алфа, Канал 5, Сител, Телма) ги обвинија кабелските оператори дека нивната најава за прекин на реемитување на сите домашни и странски телевизии е незаконски чин и дека шират лажни вести.

    На 21.02.2020 година повеќе оператори поднесоа заедничка Иницијатива до Уставниот суд за поништување на спорните одредби како неуставни и побараа донесување на времена мерка со која веднаш ќе се одложи примената на усвоените законски измени, поради нивна неуставност.

    Здружението тврди дека споменатите законски измени се спротивни на ЕУ-директивите и на сите основни принципи на радиодифузната дејност и медиумската политика утврдени од страна на ЕУ, за што Здружението има добиено и писмено мислење од страна на Делегацијата на ЕУ во земјава.

    „Како резултат на неспроведливоста на Законот, а со цел корисниците на ТВ услугите да не бидат оштетени, операторите нема да наплатуваат за ТВ услуги за периодот додека трае прекинот“, стои во соопштението на операторите.

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари