Од 58 држави, учениците од Македонија се на 47 место по резултати за природни науки, а во математичка писменост се на 44 место, соопшти Минисерството за образование и наука (МОН) , презентирајќи ги резултатите од последното меѓународно ТИМСС тестирање што беше спроведено во 2023, по петти пат во земјава. Тестирани беа ученици од четврто одделение, на македонски и на албански јазик и за првпат електронски.
TIMSS (Trends International Mathematics and Science Study) е интернационална студија во која се мерат постигањата на учениците по математика и природна група предмети (природни науки, физика, хемија, биологија), како и факторите кои влијаат на тие постигања.
Во меѓународни рамки, Сингапур го држи првото место и по математичка писменост и по наука.
Од МОН велат дека и оваа меѓународна компаративна студија покажа дека на нашиот воспитно-образовен систем му се потребни крупни промени, за да можат нашите ученици да ги подобрат знаењата.
„Затоа, делуваме во сите сегменти на образованието, почнувајќи од основното, постепено и со консултација со сите засегнати чинители. Најавивме и во сѐ поголем број училишта реализираме продолжен престој во училиште, како можност за повеќе наставни и воннаставни активности, подобро совладување на материјалот, стекнување на нови вештини, развивање на интереси. Го реформираме гимназиското образование, го прошируваме концептот на дуално образование и развиваме нови регионални центри за стручно образование и обука. Наставниците продолжуваат со сериозни обуки, затоа што тие се темелот на целиот воспитно-образовен систем“, вели Министерството.
Б. НЕСТОРОСКА