ОД 75 НА 100 ДЕНАРИ СЕ ЗГОЛЕМУВА КАПИТАЦИЈАТА НА МАТИЧНИТЕ ЛЕКАРИ И ГИНЕКОЛОЗИ, А НА СТОМАТОЛОЗИТЕ ОД 61 НА 75 ДЕНАРИ

    ОД 75 НА 100 ДЕНАРИ СЕ ЗГОЛЕМУВА КАПИТАЦИЈАТА НА МАТИЧНИТЕ ЛЕКАРИ И ГИНЕКОЛОЗИ, А НА СТОМАТОЛОЗИТЕ ОД 61 НА 75 ДЕНАРИДржавата издвојува околу 4.5 милијарди за матичните лекари, гинеколози и стоматолози, а за ова зголемување ќе се издвојат околу 550 милиони денари или над 9 милиони евра. (Фото: К. Попов)

    Од месецов се зголемува капитациониот бод за матичните доктори од општа медицина, гинекологија и стоматологија, а тоа значи повисоки плати и помотивирани лекари, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски. Согласно оваа одлука, вредноста на капитациониот бод за општа медицина и гинекологија ќе се зголеми од 75 на 100 денари, додека за стоматологија од 61 на 75 денари, што претставува зголемување од 33%, односно 23%.

    „Ова зголемување доаѓа по повеќегодишна стагнација во периодот 2019-2022 година кога бодот изнесуваше 63 денари и 48 денари.Ако погледнеме наназад, од 2015 до сега, капитацијата за општа медицина порасна од 50 на 100 денари-удвојување на вредноста за една деценија. За гинекологијата исто така имаме раст од 50 на 100 денари, додека за стоматологија од 35 на 75 денари, што е зголемување за 114%“, кажа премиерот на заедничка прес-конференција во Владата со министерот за здравство Арбен Таравари и директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) Сашо Клековски.

    Според Таравари, целта на Министерството за здравство е да мотивираат матичните лекари да работат повеќе на скрининг програмите за превентивата.

    „На пример, ако во една ординација од примарна заштита има опрема, каде има матични лекари кои се едуцирани и имаат лиценци, да прават ехо на срце на пациентите, ехо на каротиди, за да не мора да одат кај специјалисти. Ако има проблем пациентот, тогаш да го упатат во секундарно здравство“, рече министерот.

    Според Мицкоски, во 2024 бил намален бројот на амбуланти во споредба со 2023, за 34 амбуланти по општа медицина и 24 по стоматологија, а над стотина помалку амбуланти по општа медицина има сега во однос на 2015 година.

    Државата издвојува околу 4.5 милијарди за матичните лекари, гинеколози и стоматолози, а за ова зголемување ќе се издвојат околу 550 милиони денари или над 9 милиони евра.

    „Претстои бран на пензионирање на матични лекари, каде има многи административни проблеми при трансфер на ординацијата кога се пензионираат. Мора да имаме олеснување на бирократијата за трансфер на оние лекари кои почнуваат со работа. Треба да видиме и како специјализацијата на семејна медицина да се надогради со дополнителни одговорности за да има суштинска разлика со општите лекари“, кажа Клековски.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира