ОД БРАЗДА, КАДЕ ШТО БЕШЕ НАЈДЕНА ВАЊА, ОБВИНЕТИТЕ СО „РЕНОТО“ ДИРЕКТНО ОТИШЛЕ ВО СЕДИШТЕТО НА ПАРТИЈАТА „ДЕСНА“

    ОД БРАЗДА, КАДЕ ШТО БЕШЕ НАЈДЕНА ВАЊА, ОБВИНЕТИТЕ СО „РЕНОТО“ ДИРЕКТНО ОТИШЛЕ ВО СЕДИШТЕТО НА ПАРТИЈАТА „ДЕСНА“Првообвинетиот Љупчо Палевски на денешното судење во Основниот кривичен суд. (Фото: К. Попов)

    Денешното судење за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски продолжи со видеоснимки од патот кој води од Визбегово кон Горно Оризари, на кои во 7.49 часот, односно во 7.55 часот, се гледа движењето, како на „ситроен” во чиј гепек веќе се наоѓа грабнатото девојче Вања Ѓорчевска, така и на “рено кангу” со едно лице, Љупчо Палевски.

    Во „ситроенот” се Велибор Манев, Влатко Кешишев и Боре Видевски, а во багажникот е врзана и Вања.

    Натаму од снимка од објект за стари возила во Визбегово, се забележува „рено кангу”, а по само 5 секунди поминува и го следи „ситроенот” на веќе убиениот Панче Жежовски со велешката регистрација.

    Со цел да ги побијат тврдењата на првообвинетиот Љупчо Палевски дека немал врска со останатите обвинети и со „ситроенот”, обвинителките и натаму прикажуваа снимки како прво вози „кангуто” со едно лице, само возачот, а по него, го следи, истиот „ситроен”.

    Нема други коли, освен овие две возила. Двете коли одат накај селото Горно Оризари.

    На уште многу видеа од стопански објекти, плацеви и куќи на тој дел надвор од Скопје, се гледаа залепени една по друга само тие две коли.

    „На снимкава од камера од пречистителна станица во Бразда се гледа снимка од локален пат на 27.11.2023 година во 9.08 минути. Поминува ‘рено кангу’, а веднаш по него, по 11 секунди, се забележува дека поминува и го следи ‘ситроенот’. Тука веќе Вања е убиена”, кажа обвинителката.

    Во 9.21 минута се гледа како се враќа само “кангуто”.

    „Ситроенот е запален”, кажа обвинителката.

    Чадот се гледа на видео снимка од приватна куќа во 9.36 часот.

    „Кангуто“ се враќа само, без „ситроенот”, на истата снимка, во 9.39 часот. Ова се гледа на снимка од приватна куќа на патот што води кон селото Бразда, на истата камера на која пред неполни два часа тоа утро се гледа како поминуваат накај Горно Оризари двете возила.

    Натоварени во едно возило, „рено кангу”, преку општина Чаир, обвинетите Палевски, Манев, Кешишев и Видевски право отишле во седиштето на партијата на Палевски, Десна (до Веро Џамбо) во Скопје.

    И конечно, на една од тие снимки на булевар Христијан Тодоровски Карпош во Чаир, се гледа дека возилото „рено кангу” го управува возач што личи на Љупчо Палевски, а до него, според обвинителката, седи обвинетиот Велибор Манев со џемпер.

    Палевски веднаш приговараше, бидејќи според него, всушност не се гледа кој го управува „кангуто”.

    Во 9.51 минута на друга снимка се гледа дека се движи ова возило кон Центар. Следуваа снимки од движењето на „реното”, на секој километар. Пред МАНУ се забележа џемперот на совозачот сива боја со црна лента, што го носел Велибор Манев и кој по апсењето го потврдил тоа.

    Палевски цело време вози правилно, без сообраќајни прекршоци, мирно и ладнокрвно. Во 10.03 часот, на видеоснимка се забележува како се исклучува од булеварот „Кузман Јосифовски Питу” и свртува вдесно, влегува во дворот на седиштето на партијата Десна.

    „Истиот ден во утринските часови истото возило ‘рено кангу’, од истиот двор на седиштето на партијата Десна, тргна и се врати по извршување на кривичното дело”, рече обвинителката.

    Следува презентација на наредни видеоснимки како докази за киднапирањата и свирепите убиства на Панче и на Вања.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира