Со оперативниот план за вработување 2019 на владата насловен „Шанса за сите“ предвидени се 16 мерки поделени во три групи. Директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска најави дека од денеска стартуваат јавни огласи за седум програми и мерки за вработување од Оперативниот план за вработување.
„Заинтересираните од денеска може да аплицираат за учество во програмата самовработување, субвенционирање на плати, обука на работно место кај познат работодавач, обука за стручни квалификации според барање на работодавачите, обука за побарувани занаети, програмата практиканство и програмата за работно ангажирање – јавни работи. Овие програми и мерки ќе бидат отворени за апликација сè додека не се пополни предвидениот опфат на корисници и не се исцрпат финансиските средства предвидени за реализација“, рече Јовановска.
На денешната презентација на планот пред бизнис заедницата и корисниците на мерките, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев рече дека првата група мерки се за самовработување на младите лица, со втората се овозможува преку преквалификација и обука компаниите да вработуваат невработени лица, а со третата група мерки е насочена кон стекнување на знаења од информатичка технологија, бидејќи ИТ индустријата има голем потенцијал за раст. За реализација на втората група мерки, односно за преквалификација на невработените најголем дел од средства се на товар на владата.
„Лани преку оперативниот план и преку други мерки невработеноста падна за 1,3 отсто или ако го земете тоа во споредба со 20 отсто колку што изнесува невработеноста, тоа е значителен намалување. Лани креирани се околу 7.370 нови вработувања, од кои најголем дел, над 6.000 се во рамките на приватниот сектор, што е особено важно, бидејќи таму практично луѓето се вработуваат во реалната економија, што е движечка сила на одржливата економија на долг рок. Она што е поважно, само врз база на мерките од Оперативниот план, вработени се 3.934 граѓани. Очекуваме оваа бројка годинава да биде поголема, и овој сет на оперативни мерки да има многу сериозен импакт врз економијата и врз намалувањето на миграцијата на младите“, рече вицепремиерот Анѓушев.
Премиерот Зоран Заев рече дека годинава како и лани со оперативниот план се опфатени поединци и компании, и дека тој нуди силна поддршка за самовработување, отворање нови работни места, раст на платите, и поддршка за вработување на лица со попреченост, обуки за побарувани занимања и занаети, за дигитални вештини.
„Согласно принципите на Одржливите цели за развој, ќе продолжиме да работиме на тоа никој да не биде изоставен – младите, лицата со попреченост и најранливите граѓани. Благодарение на подготвеноста и посветеноста на Владата да одвои нови средства за поголемо отворање на пазарот на трудот, заедно поставивме амбициозни цели – да се понуди шанса за сите во 2019“, рече постојната претставничка на Програмата за развој на Обединетите Нации во нашата земја, Нарине Сахакиан.
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска рече дека пред неколку години буџетот за вработување бил 8 милиони евра, а сега е над 20 милиони евра.
„Посебен акцент за прв пат оваа година ќе се стави на процесот на активација на корисниците на социјална помош преку психосоцијална поддршка да се вклучат во програмите, мерките за вработување и услугите на пазарот на трудот содржани во Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на труд за 2019 година“, рече Царовска.
Е. БОЧВАРОСКА