Од денеска ќе може електронски да се извади уверение за државјанство. Барањето се поднесува во лично име и за малолетно дете, а услугата е достапна на веб сајтот uslugi.gov.mk во делот лични документи и исправи, државјанство и ќе чини 150 денари.
Барање може да поднесе лице кое има државјанство на Република Северна Македонија, и е регистрирано на порталот за е-услуги, преку Системот за единствена најава (СЕН).
Издавање на уверение за државјанство во хартиена форма ќе продолжи да се издава на досегашниот начин, лично или со полномошно на шалтерите во управните служби на Министерството за внатрешни работи, независно каде лицето има пријавено живеалиште.
„МВР продолжува со дигиталната трансформација на процесите и услугите и во наредниот период, а со цел обезбедување брзи услуги кон граѓаните преку намалување на влијанието на човечкиот фактор – ова е еден важен аспект од процесот на евроинтеграциите, бидејќи така ќе се подобри и квалитетот и ефикасноста во обезбедување на услуги за граѓаните. Притоа, ќе се осигура континуитетот и непречената работа на институциите. А, воедно би споменал дека е и успешна алатка во борбата против корупцијата“, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.