ОД ДЕНЕСКА ПОТВРДА ЗА НЕОСУДУВАНОСТ НА МОБИЛЕН ТЕЛЕФОН, СЛЕДЕН ЧЕКОР СУДЕЊАТА ЌЕ БИДАТ ОНЛАЈН

    ОД ДЕНЕСКА ПОТВРДА ЗА НЕОСУДУВАНОСТ НА МОБИЛЕН ТЕЛЕФОН, СЛЕДЕН ЧЕКОР СУДЕЊАТА ЌЕ БИДАТ ОНЛАЈНОд денешната презентација како се вади потврда за неосудуваност на uslugi.gov.mk (Фото:СДК.МК)

    Со демонстрација како се вади на мобилен телефон потврда за неосудуваност за три минути вклучително и со плаќањето, денеска стартуваше оваа дигитална услуга за граѓаните која ќе може со неколку клика да ја добијат од сите судови во Македонија.

    Граѓаните нема веќе да одат на шалтер да поднесуваат барање за потврда за неосудуваност, не мора да патуваат до местото на раѓање, а судовите за хартија и за тонери што ги трошеле за печатење на овие потврди, годишно ќе заштедуваат околу милион евра. Оваа заштеда ќе им биде оставена да си ја инвестираат судовите за други потреби.

    Министерот за правда Бојан Маричиќ кажа дека во следна фаза на телефон ќе може да се извади и потврда од кривичната евиденција, ама и потврда за забрана за вршење на дејност, која често на граѓаните кои аплицираат на оглас за вработување, им ја бараат не само домашните, туку и странските компании.

    За потврдата за неосудуваност барателот треба да оди на веб страната uslugi.gov.mk. Првин кликнува на „правосудство“, а потоа на „издавање потврда од казнена евиденција за физички лица“.

    Натаму од лесно, барателот се најавува со корисничкото име што си го има во УЈП. Со впишување на бројот на својата кредитна картичка, ја плаќа услугата и ја добива потврдата со кју-ар код.

    Исто како за потврда за вакцинација, граѓанинот си ја симнува потврдата со кодот и со печат на судот.

    Во преодниот период ќе биде оставена можноста и за издавање потврда за неосудуваност со физички пристап.

    Потврда за неосудуваност кај нас за првпат се вади по европска регулатива.

    Претседателот на Основниот суд Кавадарци Лазар Нанев најави дека ова е всушност почетокот на дигитализацијата на сите 34 судови во Македонија. Тој кажа дека се работи на воведување на судења од далечина, а една од придобивките од онлајн судењата, како што е во сите современи држави, е тоа што затворските комбиња за спровод нема веќе да прават трошоци и метеж по улиците, тие судењата ќе ги следат од притвор.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира